Достапни линкови

Државниот врв мора да демонстрира единствен став, но без провокации за решавање на спорот со името


По вчерашната средба на македонскиот претставник во разговорите за името Никола Димитров со шефот на дипломатијата Антонио Милошоски денеска продолжува со средби со претставници на државниот врв. Она што е клучно според дипломатските извори е да се консултираат премиерот Никола Груевски и претседателот Бранко Црвенковски. Тие пак денеска според најавите ке присуствуваат на заедничкиот ручек што го организира поглаварот на македонската православна црква архиепископот Стефан по повод Божик, а каде се очекува меѓудругото да разговараат и за името.
Од Министерството за надворешни работи велат дека македонската страна на средбата со Метју Нимиц посредник во спорот, ќе остане на својот став и од тоа нема отстапување, да се изнајде заедничко прифатливо име за билатералната комуникација со Грција, а за меѓународната заедница уставното име Република Македонија. Надлежните велат станува збор за редовна средба и додаваат дека неминовно ќе стане збор и за предлогот за називот на скопскиот аеродром како Александар Велики. Токму за ова грчката страна се повикува на времената спогодба според која ако една од двете потписнички смета дека другата користи дел од нејзиното историско наследство може да реагира. Она што овој пат не се знае е дали како и досега средбата ке биде заедничка, Нимиц со сите претставници на државниот врв. Аналитичарите му порачуваат на државниот врв да биде единствен, без притоа да има провокации:

„Она што македонската политика треба да го разреши е дали таа прво зборува со еден глас? Дали ова што се случува со аеродромот е нешто што доаѓа од Владата или пак е став на некоја пониска структура или група во македонската политика? Ова е битно затоа што ние треба еднаш да расчистиме, сакаме ли да има решение на овој проблем преку преговори со Грција или ќе дозволиме одредени провокации од типот на овој со Аеродромот.“

Изјави Денко Малевски професор по меѓународна политика на Правниот факултет во Скопје и поранешен амбасадор во Обединетите нации кој додава дека Македонија како суверена држава може да постапува како сака, но најдобро е да се биде внимателен.
XS
SM
MD
LG