Достапни линкови

Позитивни ефекти ако дефицитот во буџетот биде само привремен


Воведувањето на рамните даноци ќе помогне, но нема да имаат значителен успех во промоцијата на Македонија како земја со најниски даноци за привлекување на странските инвеститори, доколку власта не покаже поголема политичка подготвеност за справување со проблемите, корупцијата, реформи во правосудниот систем, катастерот, скратување на долгите административни процедури, посочуваат економските експерти. Професорот од економскиот факултет Михаил Петковски смета:

„Тоа треба да дојде како дел од еден поголем пакет мерки, со кој би се подобрила инвестиционата клима. Значи, да не се пласира како изолирана мерка. Тука, пред се, мислам на борбата против корупцијата.“

Со свое мислење и економскиот експерт Марјан Николов од центарот за економски анализи:

„Не сакам да помислам дека станува збор за очајнички обид на владата на Макеодонија да привлече инвестиции. Се надевам дека тие имаат некои прелиминарни пресметки дека бенефитот ќе биде поголем од трошокот од воведување на оваа мерка,“

вели Николов.

Меѓу стравувањата на стручната јавност се и јавувањето на буџетски дефицит, како резултат на рамниот данок. Владата веќе соопшти дека е предвидено дефицитот за догодина да изнесува еден процент што ќе се надомести со намалување на расходите. За ваквите проблеми, професорот Ванчо Узунов вели:

„Дефицитот може да биде привремен, една – две години. А, потоа може да има суфуцит и тоа да се врати. Во тој случај, таквата мерка е добра. Но, ако трајно буџетот биде во дефицит и мора повторно да се менува даночниот систем, тогаш ќе биде на подолг рок негативна оваа мерка, затоа што претставува експеримент.“
XS
SM
MD
LG