Достапни линкови

logo-print

Ракометарите против Луксембург почнуваат битка за влез во баражот за ЕП 2008


Против аутсајдерот Луксембург, вечерва во Струмица машката ракометна репрезентација на Македонија ги почнува квалификациите за пласман во баражот за ЕП 2008 година. Против слаборангираниот тим на Луксембург кој нема ракометна традиција ниту позначајни резултати зад себе шансата на нашите ракометари е да ги уиграат сите акции што ги подготвуваа на тренинзите.

Откако лани не се пласиравме во баражот за СП, поставената цел пред новиот в.д. селектор Илија Темелковски, е пласман во разигрувањето, каде што ќе бркаме нова шанса за враќање во европскиот крем. Во групата со Македонија и Луксембург, се уште и репрезентациите на Србија и Израел, а само двете најдобри ќе играат во баражот.

„Без разлика колку е силен противникот барам подеднакво ангажирање како и на тренинзите. Мораме да бидеме надмоќни на ваквите дуели. Нема потценување на никого, иако реално ние сме поквалитетни, и тоа мора да го докажеме,“

вели Темелковски.

Единствените проблеми за селекторот Илија Темелковски се повредите на Бранислав Ангеловски и Аце Јоноски. Играчот на Металург има истегнат мускул, а Јоноски се жали на тетивата на десната нога. Веројатно ќе добијат поштеда на првиот меч, но, ќе бидат дел од тимот што ќе патува за Луксембург, а потоа и во Израел.

„Потребно им е уште ден или два за опоравување, пред важните дуели во Луксембург и оној во Израел. Сега нема потреба многу да ризикуваме, па нормално е да очекувам од нив добра игра, особено во Израел,“

смета Темелковски.
XS
SM
MD
LG