Достапни линкови

Можност за привлекување странски инвеститори и зголемување на вработувањата, велат експертите


Ослободувањата од данокот на реинвестирана добивка, ќе ги мотивира претпријатијата приходот кој што го остваруваат да го вложуваат во нови инвестиции, што секако ќе придонесе за развој на економијата вкупно, а новите инвестиции значат и придобивки на полето на нови вработувања, сметаат економските експерти. Или како што вели професорот Душан Вељковиќ, нема економија без инвестиции:

„Ако е ослободена остварената добивка што ќе се реинвестира од давачки, тогаш таа ќе се реинвестира во домашното стопанство, тоа значи проширување на капацитетите или зголемување на обемот на производството, се разбира еден дел од тие нови инвестиции ќе се вложи за модернизација односно осовременување на технологијата, со еден збор зголемување на продуктивноста на трудот што автоматски значи делумно зголемување на шансите за нови вработувања.“

Професорот Вељковиќ додава дека освен значајноста за домашните претпријатија ослободувањето на даночните стапки на реинвестираната добивка е дополнителен стимуланс и за првилекување на странските инвеститори.

„Привлекува и нови инвестиции бидејќи секогаш намалувањето на давачките посебно на остварениот профит претставува инструмент кој што е привлечен за странски инвестиции.“

Изјавува професорот Вељковиќ. Министерството за финансии најави дека целокупната добивка што ќе ја остварат претпријатијата, а која ќе се реинвестрира целосно ќе биде ослободена од даночни давачки. Домашните стопанственици задоволни од ваквата најава:

„Тоа е големо олеснување бидејќи се пренасочуваат средствата во друга насока, во насока на инвестиции, а со тоа и на нови вработувања.“

истакнува стопанственикот Ѓорѓи Тренев.
Ова даночно ослободување што го најави Министерството за финансии ќе важи од наредната година, односно за приходот остварен во 2007, а кој ќе се реинвестира во 2008 година. За добивката остварена во 2006 година остануваат правилата од стариот закон односно, од данок е ослободена добивка до 100 илјади евра што се реинвестира, а над тој износ се ослободува за 25%.
XS
SM
MD
LG