Достапни линкови

logo-print

Голем профит или висока политика?


Последнава недела македонската јавност ја потресе скандалот со запленетото оружје во Скопје. Набрзо потоа и косовската полиција откри големо количество илегално оружје во селото Штутица, афера во која биле вмешани и високи партиски функионери. Дали шверцот на оружје станува профитабилен бизнис за одредени групи или се работи за политички мотивирани акции?
Експерите не ги исклучуваат и двете опции.

„Сакаше да се искористи законското право Република Македонија да извезе оружје и некои личности да се збогатат на тој начин. Тука нема никаква политичка заднина. Додека, оружјето пронајдено на Косово секако дека има политички цели, тоа се прави со цел да се прераспореди тоа оружје и во случај на потреба да се прејде на решавање на статусот на Косово по присилни средства,“

изјави Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност

Постојат неколку канали по кој се остварува шверцот на оружје, посочува Марковски.

„Оној најголемиот е од распаѓањето на албанската армија. Исто така постои и канал од источна Европа, кој преку Балканот оди во западна и југо западна Европа.“

Последните истражувања на УНДП во земјава спроведени во 2004 година покажале дека во земјава има околу 170 000 лица што поседуваат оружје.

„160 000 парчиња оружје се легално поседувани од граѓаните, тоа ги вклучува легалните институции како и приватни лица. Ако сето тоа го собереме заедно излегува дека околу 15 % од македонската популација поседува оружје,“

изјави Алан Лапон, проект-менаџер во програмата за развој на ОН. Од 2002 година, УНДП во соработка со Министерствот за внатрешни работи спроведе неколку акции за разоружување и уништување на оружјето. Според Лапон, во последните четири години биле уништени околу 15 000 парчиња оружје.

Од Националната Асоцијација за оружје велат дека количината на оружје во земјава не треба да се доведува во контекст на последните инциденти.

„Не може да кажеме дека ние имаме премногу оружје. Имаме инциденти, но тие имаат други позадини,“

изјави претседателот на Националната Асоцијација за оружје, Владимир Пандовски

Од министерството за внатрешни работи, велат дека безбедноста во државата е под контрола и дека во последните неколку дена не забележале сомнителнни активности на граничните премини.
XS
SM
MD
LG