Достапни линкови

logo-print

Има мала штета за покажаната несоработка од страна на владата


Постои ли селективност, се ставаат ли партиските интереси над државните, се нанесува ли дополнителна штета врз угледот на државата, може ли да се очекува продолжување на толку посочуваниот политички дијалог, се главните дилеми што се поставуваат изминативе месеци по очигледната на ,,стаклени нозе,, соработка меѓу власта и опозицијата и дополнително влошената ситуација со вчерашното непојавување на владеачките партии во Парламентот и претставници на Владата на годишното обраќање на претседателот на државата во Собранието. Нема селективност во политиката и почитување на институциите, како претседателската само тогаш кога е потребно, како при доделувањето на нашиот мандат и одредувањето на амбасадорските места, соработката со претседателот за битни прашања за државата останува, изјавува за нашето радио Антонио Милошоски од ВМРО ДПМНЕ и актуелен министер за надворешни работи:

„Не мислам дека нема селективност, затоа што некои работи се институционално наложени и ние сме повикани како институции една со друга да соработуваме, да добиваме мандат и да разговараме за национални прашања. Јас се согласувам дека за државата сепак се создава една мала штета затоа што се демонстрира ваква несоработка од наша страна, но има една поголема штета, а тоа е што Македонија во изминативе години за жал избира претседатели на фалсификувани избори.“

Посочува Милошоски. Нема демонстрација на непочитување на државните институции уверува и Стојан Андов претседател на Либералната Партија, коалиционен партнер во власта:

„Ние не го оспоруваме дека тој си е претседател, нека си е претседател, нека си командува со оружените сили, нека определува кој ќе бидат амбасадори, нашата партија нема никаква замерка на тоа, меѓутоа кога зборува за развој на демократските процеси, а нему тоа му е темата во обраќањето во Собранието, тогаш мислиме дека тој морално не е подобен за таа работа.“

И во третиот коалиционен партнер од албанскиот политички блок ДПА, негираат дека политичкиот дијалог се продлабочува:

„Уцени и закани нема да прифатиме.“

изјавува потпретседателот на ДПА Мендух Тачи. Од сите учеснички во власта, единствено во Новата Социјалдемократска партија предупредуваат на можна политичка криза и сметаат дека власта е таа што мора да покаже поголем степен на соработка:

„Можеме само да сугерираме на поголемиот коалиционен партнер да бидат отворени сите прашања што се битни за државата, што според мое убедување сериозно ја „држат“ Македонија на стенд бај.“

Истакнува Иван Анастасовски од НСДП.
XS
SM
MD
LG