Достапни линкови

Опозицијата се противи поради неподготвеноста на македонските дипломатски претставништва


Кај опозицијата првично нема расположение околу намерата на македонските иселеници во дијаспората да им се овозможи да бидат вклучени во процесот на гласање на парламентарните и претседателските избори во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, одлука што ја прифати владата, а што треба да се реализира преку измени во Изборниот законик што веќе се доставени во Собранието. Славица Грковска од СДСМ изјавува дека за ваквата одлука е потребен поширок политички консензус.

„Мислам дека вакви избрзани решенија може само да донесат лоши решенија, кои може да предизвикаат само дополнителни проблеми,“

смета Грковска. Предлогот на Владата не е прифатлив ниту за демократската унија за интеграција. Причините ги наведува Рафиз Алити од оваа партија.


„Ние до сега не сме можеле да организираме фер и демократски избори во земјава, а надвор имаме слаба логистика,“

изјавува Алити. Во ВМРО Народна посочуваат дека искуството кога имале намера да ја реализираат ваквата идеа, покажало дека гласањето на иселениците од технички аспект е невозможно да се спроведе, Валентина Божиновска од оваа партија посочува.

„Апсолутно немаме никаде до крај оформени конзуларни претставништва. Мислам дека ако се донесе таков закон треба да се донесе до крајот на мандатот, прво затоа што нема да мислиме дека власта тоа го прави за да добие на следните избори,“

изјавува Божиновска. Експертите велат дека повеќето од европските земји дозволуваат гласање на иселениците, но таму како што велат изборните манипулации, за разлика од нашето искуство, не се присутни. Во оваа насока политикологот Влатко Мисев, смета дека мора прецизно да се регулираат правилата по кои ќе гласаат македонските иселениците во странство.

„Во светот постојат основни принципи по кои се спроведува таков тип гласање. Се определува техниката на гласање, и се одлучува кои иселеници ќе може да гласаат,“

вели Мисев. На последниот спроведен попис во 2002 та година, согласно европската регулатива беа попишани само иселениците отсутни од Македонија до една година и нивниот број изнесува 22 илјади 995, додека на пописот во 1994 година беа попишани лицацата отсутни од државава од една и повеќе години и нивниот број изнесува над 160 илјади.
XS
SM
MD
LG