Достапни линкови

Надминете ги партиските интереси и личните суети


Следната година е клучна за спроведување на реформите потребни за македонско евро атлантско интегрирање, рече денеска претседателот Бранко Црвенковски во своето обраќање пред пратениците:

„Годинава што изминува и првите шест до седум месеци од наредната година се клучниот период, кога во зависност од постигнатото ќе се одреди динамиката со која ќе продолжиме да се движиме напред. Да бидам појасен, или ќе го фатиме приклучокот со или веднаш зад Хрватска или ќе останеме во групата на преостанати земји од Западен Балкан со голема неизвесност кога ќе се укаже следната шанса. Оттука, мора да направиме се до крајот на 2007 да добиеме датум за почеток на пристапните преговори за ЕУ,“

истакна Црвенковски, кој апелираше, надлежните да се воздржат од предлози и иницијативи кои се однесуваат на прашања, кои како што рече можеби заслужуваат внимание, но може да не дефокусираат или што е уште полошо да предизвикаат политички, етнички и религиски тензии. Притоа го спомена законот за државни празници и иницијативата за промена на Уставот. Во обраќањето се осврна и за статусот на Косово:

„Тука клучната улога мора да ја има меѓународната заедница. Меѓународното воено и цивилно присуство на Косово ќе биде неопходно во подолг временски период и тоа ќе биде се разбира, не единствената, но најсилната гаранција за стабилноста на Косово и регионот. Од наша страна се инсистира во пакетот за финално решение да биде разрешено и прашањето за демаркација на границата. Според сите најави кои ги имаме до сега, тоа и ќе се случи,“

рече Црвенковски.

На седницата не присуствуваа пратениците на владеачките ВМРО-ДПМНЕ и ДПА:

„Ова е одраз на конзистентниот и принципиелен став на ВМРО-ДПМНЕ затоа што сметаме дека Црвенковски беше избран преку изборен фалсификат и насилство,“

изјави Влатко Ѓорчев.

Од опозициската СДСМ велат дека непсисуството на владата е хендикеп за државата:

„Она што го направи денеска опозицијата, го засили обраќањето на претседателот Црвенковски и нанесе огромна штета на Република Македонија,“

изјави Владо Бучковски.

Теута Арифи од ДУИ вели дека одлуката за неприсуство е незрела:

„За нас, секако е неразбирливо и незрело. Од тие што одат кај истата институција да земат мандат за составување на владата, тогаш да го признаваат, а потоа да не присуствуваат на една ваква седница.“
XS
SM
MD
LG