Достапни линкови

Штета на македонските аспирации за членство во НАТО


Судска разрешница ќе се бара околу случајот со запленетото оружје, откриено минатата недела кога полицијата сопре три бугарки камиони кои превезувале оружје на македонската армија, без придружба. Викендов за целиот случај, беа приведени девет лица вработени во Армијата и фабриката на МЗТ, но по испрашувањето тие се пуштени, а мерка притвор од 30 дена им е одредена на четворицата бугарски возачи на камиони. Од откривањето на случајот досега Министерството за внатрешни работи и Генералштабот на АРМ излегоа со различни информации во јавноста околу тоа дали оружјето било неупотребувано или станува збор за старо, односно неупотребливо оружје, како и околу локацијата каде што е запленето оружјето. Во Министерството за внартрешни работи тврдат дека станува збор за ново оружје кое полицијата го запленила во близина скопската населба Ченто, а армискиот Генералштаб излезе со соопштение дека товарните возила биле пресретнати во кругот на фабриката МЗТ и оти се работи за старо оружје. По откривањето на случајот и пласираните разногласија од страна на надлежните институции во јавноста, стручната експертска јавност коментира дека сето ова ќе и наштети на земјава пред меѓународната заедница и посебно на нашите НАТО апсирации. Професорот од областа на одбраната при Европскиот Универзитет Владимир Пивоваров смета дека требаше да се покаже поголема воздржаност од надлежните:

„Се зборува дека се работи за оружје донација од НАТО, она што го добиваме како помош, исто така се работи и за друга странска земја, така да сигурно сето ова ќе има негативен оддек во меѓународната заедница.“

Вели Професор Пивоваров. На иста линија е и Експертот по одбрана и претседател на Балканскиот форум за безбедност Благоја Марковски:

„Значи ако се констатира дека сепак се работи за шверц на оружје ова ќе има длабоки траги од оддалечувањето на Република Македонија и од ЕУ и од НАТО.“

Посочува Марковски кој додава дека во целиот случај не е исклучена и политичката пресметка меѓу коалиционите партнери во Владата:

„Ова пак, може да биде од друга страна и резултат на полицијата, која е во рацете на владеачката партија ВМРО ДПМНЕ, и тие ако ништо друго условно кажано, можат да „го држат во раце“ својот помал партнер во коалицијата за некои други такви ситуации.“

Во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за одбрана ни изјавија дека се работи на понатамошна истрага на случајот.
XS
SM
MD
LG