Достапни линкови

Станува збор за долготраен процес и резултатите не се видливи веднаш, велат од општините


Процесот на уривање на нелегално изградените објекти продолжува, уверуваат во општините од каде што потенцираат дека резултатите сеуште неможат да се видат во целост бидејќи станува збор за долготраен процес. Од десет утврдени нелегални градби во скопската општина Кисела Вода, засега се урнати поткровја во три згради. Тони Чупоски од оваа општина изјавува:

„Ќе посочам дека станува збор за згради кои што се осум катници и неможат за еден ден да се срушат и затоа се рушат по катност.“

Рушењето на нелегалните објекти во т.н. Шпанско село во општината Карпош вчера беше сопрено поради блокада од жителите. Во општината Центар пак, информираат дека во општината нема ниту една градба што е во целост нелегална, туку се регистрирани само 31 објект со вишок површина од дозволенато. Меѓу овие објекти се и случаите со зградата позади Градскиот стадион и објектот Тифани во центарот на градот:

„Она што е најактуелно во моментов е дека отстранувањето на второто поткровје во зградата позади Градскиот стадион заврши во целост минатата недела. Со објектот Тифани работите се одвиваат мошне добро, односно се следи динамичниот план и истиот ќе биде завршен во предвидениот рок, што значи дека поткровјето и во тој објект исто така ќе биде урнато за една недела.“

Изјавува Лидија Неделковска од општината Центар. Во Министерството за транспорт и врски изјавуваат дека инспектори од Државниот инспекторат за урбанизам ја контролираат работата на општините на терен, а добиените податоци од локалните власти за нелегалности сторени од страна на инвеститорите при изградбата на некои објекти, се процесуираат до Министерството за внатрешни работи кое пак доколку постојат сомневања е должно да покрене кривична пријава. Досега се покренати кривични пријави за зградата ФИКОМ и објектот позади Градскиот стадиот, а на останатите предмети се работи, вели Иво Котевски од Министерството за внатрешни работи:

„Процесуирањето на останатите случаи е во тек и за се што МВР ќе добие како одредени сознанија ќе биде постапено. Кога ќе има нешто поконкретно ќе ја известиме јавноста.“

посочува Котевски.
XS
SM
MD
LG