Достапни линкови

Секоја партија со своја агенда за приоритетните прашања за земјата


Продолжуваат лидерските средби со присуство на меѓународните претставници. Сите сметаат дека треба дa се постигне согласност за клучните проекти што треба да се реалзираат за приближување на Македонија кон евроатлантските структури, но редоследот за што прво да се разговара е различен. Од ВМРО-ДПМНЕ велат приоритет се прашањата важни за општеството:

„Економските проблеми, евроатлантските интеграции и тоа е решавањето на клучните проблеми на македонските граѓани. Значи има голем број на работи за кои е потребно двотретинско мнозинство, потребен е консензус, потребен е дијалог, така што ние треба и мора да го носиме модернизмот во нашето општество и добро е за тие работи да имаме консензус и што е можно побрзо тие работи да се имплементираат. Значи, сметаме дека приоритетите треба да доаѓаат од приоритетите на граѓаните.“

Изјави Влатко Ѓорчев. Од СДСМ велат прво треба да постигнеме согласност за новиот закон за јавно обвинителство чија цел е да се оттргне влијанието на политиката врз оваа институција, за собранискиот деловник и за изборниот законик, пред се во делот што се однесува од гласањето на македонците од дијаспората. Во албанскиот политички блок приоритет се прашањата поврзани со правата на припадниците на заедниците. Ермира Мехмети од Демократската унија за интеграција вели дека е потребен консензус за прашањата што ја продлабочуваат политичката криза во земјава и додава:

„Тоа се безмалку осум клучни точки. Првата и за нас најважна работа е барањето за распуштање на Комитетот за односи меѓу заедниците, бидејќи сметаме дека тука е клучот за одржување на етничкиот баланс во земјата, потоа второто барање е гласање и избирање на Владата со Бадентеровиот принцип, со што ќе се обезбеди дека повеќе нема да се гази врз гласот на албанскиот електорат и останатите немнозински заедници. Третото прашање е упадот во Тетовскиот универзитет односно барање одговорност, усвојување закон за решавање на статусот на поранешните припадници на ОНА и закон за употреба на албанскиот јазик во Собранието.“

И во ДПА сметаат дека приоритет треба да бидат прашањата од Охридскиот Договор или како што велат во партијата потребно е да се реализираат актите што произлегоа од него.
XS
SM
MD
LG