Достапни линкови

logo-print

Повеќе купуваат фирмите, отколку граѓаните


Студијата на Ај Ди Си меѓународна истражувачка компанија, покажува дека на информатичкиот пазар во Македонија, минатата година во однос на претходната 2004-та година, забележан е пораст за 17 проценти, односно остварените приходи од продажба на информатичката технологија изнесувале 73 милиони долари. Споредено со земјите од регионот, односно Хрватска на пример, минатогодишната вредност на пазарот на информатичките услуги достигнала 223 милиони долари, односно забележан е раст од над 32 отсто. Ваквите релативно скромни податоци за употребата и купувањето на компјутери и компјутереска опрема во земјава, ја потврдуваат и во компаниите со повеќегодишно искуство во продажбата на информатичка технологија. Милан Петковски од Акцент компјутери, изјавува:

„Застапеноста на компјутерите, анализите што ние сме ги правеле, покажуваат дека сме далеку од она што било која земја која што е членка на Европската Унија, го има како процент на застапеност на персоналните компјутери по дома.“

Истражувањето на Ај Ди Си исто така покажува дека како најголем купувач на информатичка технологија се јавува македонската влада, па следи банкарскиот сектор и телекомуникациските компании. На постоењето на ваков дисбаланс меѓу граѓаните и претпријатијата посочува и Александар Пајковски од ДУНА компјутери:

„Најчести купувачи се фирмите и тоа повеќе оние мали фирми, но успешни фирми и со добри контакти во странство и кои веќе се „изгореле“ од евтина ИТ опрема.“

Пајковски додава дека и кога се решаваат да купуваат информатичка опрема, граѓаните согласно стандардот ги купуваат најевтините модели на компјутери:

„Компјутерот е пожелна работа што секој би сакал да ја има, меѓутоа проблемот е што просечната македонската плата е со вредноста на најниската компјутерска конфигурација и ова е работа на која треба да се поработи.“

Сите податоци, меѓу кои и оние за користењето на интернет според кои само 13% од македонските домаќинства користат интернет, покажуваат дека секојдневната употреба на информатичката технологија, сеуште е далечна иднина за македонските граѓани. Без интернет компјутерот и да го имаме е само декор истакнуваат граѓаните:

„Само на еден компјутер можам да приклучам на интернет и цените се ужас.“

„Во иднина сигурно ќе ми треба, бидејќи работата ми е поврзана со компјутер, инаку мислам дека не се достапни.“

„Прескапо е, а и сметам дека интернетот треба да биде достапен за сите.“
XS
SM
MD
LG