Достапни линкови

Радмила Шеќеринска, претседател на СДСМ. Владата заборави на крупните проекти


Госпоѓа Шеќеринска, по стоте дена од владеењето на новата влада, каде таа потфрли?

Во сто дена, владата не може да ги реши сите проблеми, макар и тоа била најдобра и најуспешна влада. Меѓутоа, она што сметаме дека е најголем минус на владата е што во овие сто дена успеа да создаде неколку нови проблеми за Македонија и ќе споменам само неколку: проблемите во поглед на политичката стабилност, меѓуетничкиот дијалог, прашањето на партизација на администрацијата, се само некои од проблемите што владата ја претставија во негативно светло. Мислам дека во минатите три месеци владата премногу се занимаваше со помалку битни нешта, а ги заборави крупните проекти, реформи во судство, а ова се најбитни елементи за привлекување на инвеститори и клучни елементи за борбата против криминалот и корупцијата. Ние си пишавме домашни минуси и тие веднаш се одразија и на надворешно политички план, значи фактот – немаме политички дијалог, партизација на администрацијата, лоши состојби во јавноста, непочитување на демократската процедура во Собранието, тие веднаш ја палат црвената сијаличка во Брисел и во ЕУ и во НАТО. За жал, таа црвена сијаличка веќе е запалена, месец, месец и половина. Сите ја гледаат, а единствени кои не ја гледаат се македонските власти.

Го споменавте политичкиот дијалог, може ли да се каже дека имаме политички дијалог во земјава?

Отсуството на политички дјалог е недостиг на демократскиот процес во Македонија. Значи, веќе е минус. Не е криза, туку е сериозен недостаток на македонската демократија и како таков ќе ни го бројат. Мислам дека сите работи секогаш добиваат и поопасна димензија. Значи, кога во Македонија се зборува за отсуство на политички дијалог, веднаш во Европа и Светот, впечатокот е – аха, некој може тоа да го злоупотреби и за политичка криза. И мислам дека ние мораме да бидеме први коишто тоа ќе го демантираат и ќе покажат на дело дека нема да дозволиме отсуството на политички дијалог да води кон политичка криза. Но, мислам дека со однесувањето на парламентарното мнозинство во Собранието се создаваат и дополнителни елементи за идна политичка криза. Ако имате Собрание и избори, целта е изборите да го отсликуваат расположението во Собранието, под услов да се почитуваат законите, Уставот и процедурата. Кај нас, законот некогаш се почитува, некогаш не, а процедурата во Собраниет речиси редовно не се почитува. И тогаш прашање е која треба да биде улогата на опозицијата? Таа треба да биде таму, да служи како декор, ама кога нема да ни одговара ако може да и ги одземеме сите нејзини инструменти и права. Тоа е лошо, автократско, недемократско и на долг рок погубно однесување на мнозинството.

Во јавноста се доби впечаток, опозицијата како да ја немаше. Бевте ли преокупирани со себе или на што се должеше сето ова?

Не треба да бидеме затворени, ниту да ја криеме вистината, СДСМ имаше сериозни внатрешни проблеми и тие проблеми не се лечат преку ноќ, ниту за 30 дена, меѓутоа мислам дека сме со позитивен тренд. Состојбите што не блокираа, поради кои често бевме отсутни од Парламентот, сега веќе не постојат. Имаме 30 дена од новото раководство на СДСМ, јас сум убедена дека по стоте дена, Македонија ќе види и подобро организирана опозиција, меѓутоа и поактивна и поконструктивна.

Госпоѓа Шеќеринска, има ли фракционерство во СДСМ?

Дека, во СДСМ како една демократска партија секогаш ќе има разлики во размислувањето тоа не е спорно. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, силата на СДСМ била во тоа што почитуваме различни мислења. Но, на крајот се договараме и гласаме по нашиот став. Факт е дека до овој момент немало разидувања во СДСМ по политички прашања.

Имаше, за законот за полиција?

Велам после конгресот. Значи, разлики во политиката. За да има фракции мора да има разлики во политиката. Кога ќе имате сериозни разлики во партијата, кога ќе имате различни кандидати и серија на изјави со коишто се гледа внатре партиската поделба, не е лесно и не се случува преку ноќ, тие разлики да исчезнат. Предноста е што тие разлики не биле идеолошки и затоа велам дека неможе да стане збор за фракции. Повеќе се групи кои се залагале за еден или друг кандидат. Тоа не познато на политичката сцена, но прашање е дали ќе се отрезниме или опоравиме. Тенденцијата е позитивна.

Да се вратиме на актуелни случувања и апсењата на лица за случајот Бачило и други случаи. Вие излеговте само со блага реакција. На што се должеше тоа?

СДСМ ја поддржува и ќе ја подржува борбата против организираниот криминал и во таа смисла ние нема да правиме сопки, особено што се работи за случаи за кои и претходно во јавноста се дебатираше. Тие теми мора да се отворат и расчистат, но најважно од се е тие обвинувања мора да имаат своја судска завршница. Значи, како што мора владата да биде ослободена од политичка боја за случаите, така и ние мора да бидеме политички слепи на партиската боја зад некои. Иако, станува збор за група на луѓе којашто во најголем број од луѓето не е ниту блиска ниту дел од СДСМ. Мислам дека тука ќе се сложите со мене. Значи, не можеме да речеме дека само затоа што некој е близок од СДСМ случајот да не биде расчистен. Од друга страна, не можеме ниту пак да кажеме дека ако постои обвинување од Владата, дека тие луѓе се сигурно виновни. Апсолутно тоа не смее да го каже ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ. За жал, мислам дека медиумскиот спектакл е проблем. Постои тенденција кај владата со ваквите обвинувања да се заврши постапката. Луѓето да се обвинат и осудат со самото тоа што владата смета дека биле вмешани. Да не им се даде шанса на судските органи да одлучуват без политички влијанија. И на тоа остро се спротиставуваме. Но, мислам дека ќе се сложите, дека колку СДСМ е поостар во настапот на овој случај, толку медиумите и јавноста ќе не доживува како необјективна партија. Дека сака некого да заштити непринципиелно. До крајот ќе имаме принсипиелен став. Тоа ќе се однесува и на членови на СДСМ и на оние кои се членови на други партии. Оти, инаку, паѓа во вода нашата теза дека партиите се залагаат за правна држава. Очекуваме истото да го прави и ВМРО-ДПМНЕ. Значи, ќе реагираме жестоко и принципиелно секогаш кога ќе бидат загрозени човековите права.

Какви е вашата сегашна соработка со екс лидерот Бучковски?

Се трудиме и двајцата да создадеме и доверба и конструктивен професионален однос. Внатрепартиските битки никогаш не носат позитивни резултати. Никој на крајот не е задоволен. Никој на крајот не е победник. И мислам дека не е обидувавме во СДСМ да создадеме впечаток на победничка и победена страна. Тоа е погубно за партијата и јас како претседател ќе направам се, таквиот начин на размислување во СДСМ да не се создаде.
XS
SM
MD
LG