Достапни линкови

Нови воинствени повици за Голема Србија и војна за Косово


Деновиве, дел од српските лидери во жарот на предизборната кампања ги обновија воинствените повици за Голема Србија и за можна војна за Косово. Дали војните во Западен Балкан еднаш засекогаш се завршени и дали прогласувањето на идниот статус на Косово ќе доведе до опасни тензии во регионот? Ова се само некои од прашањата на кои за Радио Слободна Европа одговара Фабрицио Тасинари, експерт за регионална коопреација и безбедност од Центарот за европски политички студии во Брисел.

,,Верувам дека во моментот има многу реторика во Србија поради претстојните избори, но се надевам дека тоа така и ќе остане и оти умерените политички партии и меѓународната заедница ќе можат да ја контролираат ситуацијата за да спречат поголеми проблеми,, вели Фабрицио Тасинари од Центарот за европски политички студии во врска со зачестените воинствени и националистички повици на дел од српските политичари.

„Меѓународната заедница, а во овој случај посебно Европската нија, мораат да покажат дека европската перспектива за балканските земји е реална. Се додека оваа перспектива е само далечен сон ќе биде многу тешко да се одржи висок степен на политичка волја за европската интеграција. Тоа е од витално значење за регионот.“

Вели Тасинари, додавајќи дека над меѓународната заедница се уште се надвива сенката на грешките што ги правела на Балканот во текот на деведесетите годинии и оти по никоја цена не би дозволила тие да се повторат. Во таа смисла или НАТО или Европската Унија би биле подготвени политички и воено да одговорат на секој обид за обновување на судирите.

„Она од што се плашам повеќе отколку од националистичката реторика во Србија е ставот на Русија во врска со Косово. Сетете се на фамозната изјава на претседателот Путин дека конечниот статус на Косово би можело да се примени и во други контексти. Тоа би довело до многу сериозни импликации и тоа не само во областите на рускиот интерес, Абхазија или Јужна Осетија, туку и на Балканот, на пример во Република Српска.“

Ова, според Тасинари, би го надминало нивото на, како што вели, вообичаените балкански бранувања и би довело до интернационализација. Затоа би требало да се дејствува превентивно:

„Во овој случај товарот на одговорноста лежи на Европската Унија. На Балканот постои барање Унијата јасно да се определи дали сака да ги интегрира земјите од регионот. Мислам дека Европската Унија, преку спогодбите за стабилизација и асоцијација,
веќе одговара на ова барање.“


Наведува Фабрицио Тасинари, оценувајќи дека членството во Европската унија е можно само со повисок степен на регионална доверба и соработка на Балканот.
XS
SM
MD
LG