Достапни линкови

logo-print

Негативно за извозниците, позитивно за увозниците


Падот на цената на доларот на светските берзи, влијае и врз македонската економија, велат експертите. Од растот на еврото во однос на доларот и курсниот ризик што е предизвикан со оваа ситуација, најповеќе се погодени извозно ориентираните претпријатија во земјава. Економскиот експерт од Центарот за економски анализи Димитар Богов, објаснува дека поради падот на доларот, македонските извозници кои извезуваат во долари неможат да ги покријат трошоците за производство на стоката, што пак влијае на падот на конкурентноста на нивните производи:

„Дел од текстилците извезуваат во САД и тие ќе бидат погодени, односно профитабилноста на нивниот извоз ќе биде намалена, затоа што стоката што ја извезуваат во долари ќе остане иста, но денарите што ќе ги добијат за тие долари се помали. Извозот на металите, кои што на светската берза котираат во долари, исто така ќе трпи од оваа промена на курсот помеѓу еврото и доларот.“

Но, наспроти негативните ефекти што паѓањето на доларот ги предизвикува за изозниците, тоа позитивно влијае врз узвозот. Оние компании што увезуваат во долари, ќе ги почувствуваат бенефитите од падот на американската валута бидејќи нивните производи ќе бидат поефтини. Она што за македонската увозна економија е исто така битно вели Богов, е и тоа што цената на нафтата на светскиот пазар котира во долари:

„Тоа значи дека кога зборуваме за увозот, дека би требало да дојде до поефтинување на трошоците за увоз на нафта и нафтени деривати, така да од тој аспект нашата економија ќе почувствува поволност.“

објаснува Богов. Според професорот по економија Абдулменах Беџети пак, неможе да се говори за некое поголемо влијание од падот на доларот во земјава, имајќи ја притоа во предвид развиеноста на македонската економија, а и тоа што сепак најчесто користена валута на пазарот е еврото.

„Имајќи во предвид дека кај нас 70% трговската размена се врши со земјите членки каде што се употребува еврото, значи дека доларот ќе има помал импакт.“

изјавува Беџети. Експертите посочуваат дека падот на доларот во изминативе години, иако влијание имаат повеќе фактори, сепак најповеќе се должи на големиот дефицит во буџетот и во платниот биланс во Соедините Американски Држави.
XS
SM
MD
LG