Достапни линкови

Добро е граѓаните да бидат информирани, но потребни се конкретни резултати


Постерите на кои има претставено лизгач кој не запира, а кој треба да не асоцира на стоте дена непрекината работа на владата, се уште се вообичаена слика на страниците од дневниот печат. Сликата е поткрепена со текст во кој владата дава отчет за сработените проекти, а завршува со оптимистички тон во стилот - Продолжуваме понатаму! На ваков начин Владата реши да ги промовира резултатите кои ги постигна во првото тримесечие од своето владеење. Комерцијалните огласи ги имаше и на електронските медиуми. Беше ли агресивна маркетинг кампањата на Владата, ги прашавме граѓаните и како и секогаш добивме поделени мислења.

„Па би требало, зошто да не? Сепак да видиме што направиле за сто дена.“
„Мислам дека тоа не е голема пропаганда.“


За разлика од овие мислења има граѓани кои сметаат дека парите треба да се пренаменат во други цели, а најмалку на медиумска кампања.

„Треба да се насочат повеќе средства за младите, пензионерите. Мислам дека премногу сме сиромашни за такво трошење.“
„Сто дена се ништо. Ученик не може да се прилагоди кога менува училиште, а не да се преземат поголеми чекори.“


Познавачите на маркетингот велат дека кампањата на владата била потребна за подобра информираноста на јавноста. За Никола Мицов, директор на агенцијата за стратегиско истражување, кампањата ќе биде агресивна доколку истата продолжи и во следниот период.

„Сметам дека на било кој начин, дали со дебата, трибина, прес конференција, или реклама, информираноста мора да биде на високо ниво и граѓаните мора да знаат што владата презема.“

Иако генералното мислење на анкетираните граѓани е дека кампањата не беше агресивна, граѓаните велат дека ќе ги почекаат вистинските резултати, оние кои не се гледаат преку рекламните спотови, туку оние кои реално ќе се почувствуваат во секојдневното живеење.
XS
SM
MD
LG