Достапни линкови

Продолжување на борбата за голема Србија


Обвинетиот за воени злосторства Воислав Шешељ деновиве објави тестамент, личен и политички, во кој на приврзаниците на неговата Радикална партија им налага да не се откажуваат од борбата за голема Србија. Наследникот на Слободан Милошевиќ во Социјалистичката партија Ивица Даќиќ пак порачува дека никој нема право да каже оти нема повторно да се војува. Дали оваа реторика од деведесетите години е само предизборна кампања со оглед на тоа што Србија во идниот месец излегува на избори?

Двете најзначајни партии од времето на режимот на Слободан Милошевиќ, повторно отворено застанаа зад идејата која беше државна политика на Србија во текот на деведесетите години од минатиот век. Најпрвин тоа е борбата за голема Србија која, според функционерот во Српаската радикална партија Зоран Красиќ биле главната порака во политичкиот тестамент на Воислав Шешељ.

„Од сите членови на Српската радикална партија и посебно од раководството барам упорно да се борите за ослободување на Репоблика Српска Краина и Република Српска и за обединување на сите српски земји.“

Дополнување на она што можеби го пропуштиле радикалите, доаѓа од новоизбраниот претседател на Социјалистичката партија Ивица Дачиќ кој порачува дека Косово ќе се брани со сите средства.

„Косово и Метохија е родното место на Србија и никој нема право да каже дека нема да се војува за него.“

Иако во еден момент се веруваше дека со соборувањето на режимот на Милошевиќ еднаш заскогаш им беше затворена вратата на големодржавните проекти и амбиции, политичкиот аналитичар Зоран Стоиљковиќ забележува дека таквите пораки и натаму се атрактивни за гласачите во Србија:

„Сигурно дека се уште, за жал, може да се добијат голем број гласови, не само на националната реторика, туку и на социјалниот популизам и на незадоволството а граѓаните со ритамот на промените по две илјадитата година.“

Професорот на Факултетот за политички науки во Белград милан Подунавац пак предупредува дека ваквите политички проекти би можеле повторно да го дестабилизираат регионот:

„Тоа е потенцијално голема опасност и за сигурноста и демократската стабилност на целиот регион. Победата на овие политички партии повторно би ја одвела Србија во една целосна политичка изолација и би го запрел процесот на демократска консолидација на земјата.“

вели професор Подунавац, кој наведува дека српското општество и натаму останува длабоко поделено меѓу политичките сили кои сакаат или се против демократскиот развој на земјата.
XS
SM
MD
LG