Достапни линкови

Премиерот се фали, опозицијата критикува


Ние напорно и пожртвувано работиме кон остварување на проектите и мерките од владината програма, за што говорат и досегашните резултати. Со тоа започнавме една нова динамика на делување, која оди во насока на доследно исполнување на интересите на граѓаните и подобрување на нивниот секојдневен живот, рече премиерот Никола Груевски во своето излагање по повод стоте дена од работата на новата влада.

„Продолжуваме понатаму да работиме, со уште пожестоко темпо, до остварување на крајната цел. Република Македонија – економски развиена земја. Стабилна и просперитетна демократија, полноправна членка во евро атлантските структури.“

Програмата Преродба во сто чекори ја доби својата проектна заокруженост, рече Груевски истакнувајќи ги најзначајните резултати на оваа влада. Според него најголемите реформи биле направени во економијата, земјоделството, одбраната и внатрешните работи на државата.

„Со крупните даночни реформи со кои станавме земја со најниски даноци во Европа, регулаторната гилотиња, и можноста за отворање фирма за три дена. Република Македонија станува најатрактивна земја за инвестирање во Европа. Се зголеми стабилноста и безбедноста. Го зададовме првиот удар на урбаната мафија и започнавме со расчистување на крупните криминални и корупциски афери и продолжуваме понатаму.“

За опозицијата пак, ваквите оптимистички изјави на премерот не ја одразуваат реалната слика во земјава. Потфрлија во економијата, велат социјалдемократите според кои законските решенија на владата биле спротивни од нивните заложби.

„Ако владата тврдеше дека ќе се фокусирани за решавање на економските проблеми на граѓаните, а во Собранието ни понуди само еден закон од економската сфера, за разлика од другите популистички и не се во правец на решавање на економските проблеми на граѓаните, тогаш не може да кажеме дека се успешни,“

изјави Славица Грковска од СДСМ

И Демократската Унија за интеграција со негативни критики кон работењето на новата влада. Најмногу и забележуваат на донесувањето на како што велат оттаму, спорниот закон за полиција.

„Едвај само еден закон донесоа, само законот за полиција. И тој закон ја исполитизира целата јавност. Пак не поделија. Што друго сработиле?“

изјави Џевад Адеми од ДУИ

Премиерот Груевски вети продолжување на реформската политика на владата и живот сосема поразличен од оној во изминатите 15 години.
XS
SM
MD
LG