Достапни линкови

Укинувањето на националните ограничувања важи за македонските мисии и во Ирак и во Авганистан


Како за Авганистан, укинувањето на националните ограничувања важи и за македонските војници кои се дел од мисијата Слобода за Ирак на антитерористичката коалиција. Со вакви нови обврски денеска во Ирак во местото Таџи северно од Багдад, заминуваат вкупно 35 припадници на водот за специјални намени како и пет офицери што ќе бидат распоредени во составот на американскиот контингент, а кои согласно шестмесечната ротација ќе го заменат веќе постоечкиот македонски вод во оваа земја. Биљана Аврамовска портпарол на Министерството за одбрана изјавува:

„Одлуката која што неодамна ја донесе Владата за укинување на националните ограничувања се однесува како на нашиот контингент во рамки на мисијата ИСАФ во Авганистан, така и на мисијата „Слобода за Ирак“ во Ирак.“

Ваквата одлука согласно глобалната трансформацијата на мисиите на НАТО по самитот во Рига односно подобрување на ефикасноста, значи дека македонските војници ќе можат да бидат користени и за борбени акции. Што точно подразбира укинувањето на националните ограничувања, Аврамовска во врска со новите обврски на македонските војници во Ирак и Авганистан објаснува:

„Како што и во неколку наврати споменуваше министерот за одбрана само ќе се зголеми ефикасноста на дејствувањето и дејствувањето ќе биде во рамки на националните закони и меѓународните конвенции за заштита на човековите права и законот за вооружен конфликт.“

Вели Аврамовска. По позитивниот сигнал што земјата го доби во рамки на самитот во Рига за покана за членство во НАТО доколку до 2008-та година успешно бидат спроведени реформите, а во врска со укинувањето на националното ограничување домашните експерти коментираат дека земјава мора да биде подготвена и за новите обврски:

„И ние ако учествуваме во тие мировни мисии особено и како членка на НАТО сигурно неможеме да кажеме ние ќе учествуваваме само за ова. Да претпоставиме да сме членка на НАТО, тогаш сигурно ќе треба да го споделуваме ризикот пропорционално како и сите други мировници.“

Изјавува професорот од Правниот факултет Владо Поповски. Во Ирак Македонија учествува со вкупно 40 војници, во Авганистан со 115 војници, како и со 21 припадник на АРМ во мисијата Алтеа во Босна и Херцеговина. По зголемувањето на нашите војници во мисијата ИСАФ во Авганистан во јули годинава, засега велат од Министерството за одбрана нема да има дополнително зголемување на бројот на нашите војници кои учестуваат во мисиите во овие земји.
XS
SM
MD
LG