Достапни линкови

Тито Петковски, претседател на НСДП. Првиот сериозен тест за оваа влада ќе биде буџетот на државата


Најпрвин за резултатите. Дали сте вие задоволен од резултатите што ги постигна владата во изминатите сто дена?

Ако може да се даде заокружена оценка за стоте дена на владата, можам да кажам дека е во рамките на очекуваното и во рамките на договорот на коалиционите партнери коишто ја формираа владата. Значи, имаме јасна ориентација на владата. Покажува дека е реформска влада. Има суфицит на идеи кои не можат да добијат завршница во парламентот, бидејќи во него не постои расположение меѓу сите политички партии да се следат иницијативите на Владата. Ако продолжиме на пример со темпо како што работевме за законот за полиција, да расправаме 30 дена, ќе ни треба светлосна година да ги донесеме сите закони. Мислам дека тоа е најслабата страна, или да бидам уште поконкретен, скромното или малото парламентарно мнозинство што ја поддржува владата за сега е најголемиот хендикеп на владата.

Но, господине Петковски, имаше и забелешки од страна на јавноста, за работењето на владата во овие стотина дена, како што се неколку случаи на непотизам, партизирање на државната администрација или справување со корупцијата со претставници на претходната гарнитура. Имате ли вие забелешки на функционирањето на владата во овие сто дена?

Она што може да се види јавно, транспарентно, граѓание може да судат. Она што не може да се види, и добиваме сугестии дека не е добро од навор или со малку покритично набљудување од внатре, со што јас лично се согласувам или вие новинари што би рекле што би забележал на оваа влада, покрај ова што го споменавте, партизацијата на администрацијата, за што добиваме негативни оценки, тешко може да се ослободиме, по една инерција којашто ги следи сите влади до сега. Второ, мислам дека после едно, јас би рекол, пожестоко пресметување со политичкиот конкурент, во случајот со СДСМ и инструментализацијата на полицијата околу некои информации, мораше да се ретерира од овој став, и сосема е јасно дека полицијата не смее да се упторебува во политичката пресметка и да лиферува информации до владата, до јавноста се до моментот дури не биде тоа на суд докажано, Понатаму, околу транспарентноста на тендерите, за што исто така отворено разговараме внатре во владата, мислам дека не смееше да се случи да се заклучи осигурувањето на ЕЛЕМ без тендер или снабдувањето на ТЕЦ Неготино со нафта без тендер.

Ако изминативе сто дена ги третираме и како тест за коалиционите партнери, како сега ги оценувате тие односи?

Па, човек не треба да биде многу мудар од надвор, гледајќи ги состојбите, да биде инволвиран во коалицијата што ја поддржува владата, дека нагласка се дава на програмата на ВМРО-ДПМНЕ или на коалицијата „За Македонија“, којашто во секој случај ја презентира пред се премиерот, односно се персонифицира работата на владата преку премиерот. И мислам дека тој настојува да даде тон на работата на владата. Со својата динамика сака да ги покрене сите. Верувам дека тој период внатре меѓу коалиционите партнери и особено меѓу министрите во функционирањето на владата е во завршна фаза и очекувам дека тие недоразбирања коишто се должат пред се на усогласувањето на програмите во разни сфери на животот, дека се најголемата пречка.

Но, имаше и одредени инциденти. Уште од почетокот премиерот го доведуваше во прашање влегувањето на НСДП во власта, а потоа имаше и отпор кон одредени ваши министри. Потоа дојде и вашата забелешка дека во врска со законот за прислушување не бил консултиран министерот за одбрана кој доаѓа од вашите редови, а на крајот и вие објавивте дека големите партии, меѓу кои спаѓа и ВМРО-ДПМНЕ поседуваат уреди за прислушување. Како во една ваква комбинација вие ја обезбедувате вашата стабилна позиција?

Доминантна категорија за да учествувате во една влада е политичкиот интерес. Зошто да не кога станува збор за партиите и партискиот интерес. Но, тоа е на кратки патеки. Значи, јас не можам да кажам дека утре нема да дојде проект, да речеме, од страна на НСДП или проект од страна на ВМРО и ДПА, по кој ние ќе имаме различно мислење и тоа нема да внесе немир и несогласување. Значи, ние ќе инсистираме на некои проекти за коишто добивме поддршка од граѓаните и во вакви услови и во ваква влада да добијат живот. Како тоа ќе биде примено од коалиционите партнери, ќе видиме, за сега, се координираме, политичките партии пред сите важни проекти за да не дојде до судир внатре. Првиот сериозен тест за оваа влада е буџетот. Сега на 13-ти ќе почне дебата по буџетот. Бидејќи со него се утврдува економската политика на државата за догодина, а тука се детектираат и конкретните интереси за разните општествени слоеви. Мислам тоа е најсериозниот тест дали владата ќе остане хомогена и дали ќе има доволно критична маса во коалицијата, да може да ги апсорбира различните интереси на партиите што ќе учествуваат. Значи, не можам да кажам дека тој брак од интерес, утре нема да се растури и да се разведеме. Но, јас не би сакал ако тргнеме од тоа дека добивме мандат да креираме услови за подобар живот, цивилизациски можности за сите, тука во такви услови секој по нешто мора да се откаже.

Политичкиот дијалог е еден од проблемите во овие први сто дена. Власта запна со опозицијата. Вие велите ви пречи што странците не „тегнат за уши“?

Да.

Имате ли подобра идеја?

Мислам прво не знаеме што е тоа дијалог. Ние го сфаќаме дијалог, ќе разговараме ако ги прифатиш моите тези. А, ако ти инсистираш на моите тези, тогаш не е дијалог туку наметнување. Прво, немаме човечка култура на дијалог, за политичка и не говорам. Доминантни се интересите на една група, политичка партија, раководство. Ајде да ги ставиме работите на маса. Што е за Македонија најдобро? Дали јас да се позиционирам во власта и да ги уценувам сите други ако не сум во власта нема дијалог. Дали е тоа од интерес? Или да речеме, ако е приоритет приближувањето кон НАТО и ЕУ, да ги концентрираме снагите на таа основа и да седнеме да разговараме. Или, ако сметаме дека Македонија побрзо ќе оди напред ако ги донесеме законите во економската, фискалната сфера и опозицијата е конститутивен дел на политичкиот систем. И партиите од опозицијата и власта добиле мандат од граѓаните да ги претставуваат. Да ги прашаат сега граѓаните дали ова што го прават во парламентот го добија како мандат од граѓаните и дали на тие прашања што се инсистира се од државен интерес? Значи, да бидам конкретен, да го детектираме националниот интерес и околу него да дебатираме. Дали ни треба ваков парламент, кој за еден закон дебатира еден месец.

Тема прислушување, некои препознаа дел од вашиот карактеристичен политички манир, на тоа некои ви забележуваа, ќе речат искусен политичар. Зошто, ако немавте намера да ја продолжите постапката излеговте со такви наводи во јавноста? Вие не ги изнесовте вашите сознанија во МВР, откако излеговте со информацијата.

Нашите луѓе се сеирџии. Сакаат да го видат Тито Петковски како оди и на полицаецот му дава изјава, знаете. Денес имате интернет. Светот отиде далеку. Ние комуницираме денес на мошне современ начин. Зарем јас треба да одам во полициска станица Беко да кажам што знам? Тоа е вулгаризација. Јас мислам дека тоа не е најбитно. Мислам дека е најбитно сите, и она што јас го знам, тие информации што сум ги ставил на располагање на МВР, и она што со тек на време ќе го стекнувам како информација и ќе го ставам на располагање. Мислам дека сите добронамерни луѓе треба тоа да го направат. А, не да се цуцулиме еден друг, кој рекол и зошто го рекол. Јас не бегам од тоа, бидејќи јас знам, а знаат и многу луѓе. И немој да мислите дека тоа нема да добие завршница, тоа ќе добие завршница. Затоа што јас тоа што го реков, ќе побарам сам, она сознание за информациите што сум ги дал на МВР, сам ќе побарам после извесно време до каде и зошто не е помрднато. Бидејќи, не само јас, многу луѓе кажаа што знаат, од каде била, каква опрема била купувана, кои се луѓето, локациите ги кажаа. Не ја откриваме Америка. Нема добра волја кај политичките фактори за да се ослободат со тоа, бидејќи тоа го користат како силен адут за време на изборите, но денеска има и добра и софистицирана опрема, преку која може лесно да се детектираат.

Мислите дека оваа влада ќе има волја за разрешување?

Апсолутно. Не може да побегне, се декларира дека ќе се бори и против тој вид криминал.
XS
SM
MD
LG