Достапни линкови

Поздравени реформите во Албанија, Хрватска и Македонија и најава за покана во 2008 година


Со двочасовна работна сесија и со заедничко соопштение за идните цели на НАТО денеска во Рига заврши самитот на Алијансата. И додека на вчерашниот дел од состанок на лидерите на НАТО доминираше Авганистан, на денешните разговори беа опфатени повеќе теми: од проширувањето на Алијансата, преку енергетската сигурност, до модернизирањето на воените капацитети. НАТО лидерите соопштија дека имаат намера да поканат уште земји да и се приклучат на Алијансата во две илјади и осмата година.

Во Коминикето од самитот, лидерите на НАТО ги поздравија реформските напори на Албанија, Хрватска и Македонија со забелешка дека оние што ќе ги исполнат критериумите на Алијансата би можело да очекуваат да добијат покана за придружување на самитот во две илјади и осмата година. Ова на некој начин го најави и американскиот претседател Џорџ Буш кој вчера пред почетокот на самитот говореше на Универзиетот во Рига.

„На нашиот иден самит во две илјади и осмата, се надеваме дека ќе упатиме дополнителни покани до земјите кои се подготвени за членство. Денес, Хрватска, Македонија и Албанија учествуваат во Акциониот план на НАТО и Соединетите Држави ги поттикнуваат нивните аспирации да и се придружат на Алијансата.“

Изјави американскиот претседател Џорџ Буш. Алијансата денеска и покрај се, ги покани Босна, Србија и Црна Гора да го преземат првиот чекор во евентуалното членство, а тоа е влезот во Партнерството за мир. НАТО беше сомничав околу овој потег, бидејќи Србија и Босна не соработуваат со Хашкиот трибунал во апсењето и предавањето на Ратко Младиќ и Радован Караџиќ. Но, како што наведуваат посматрачите, Соединетите Држави го омекнале првичниот став откако српскиот претседател Борис Тадиќ апелираше до НАТО да им помогне на демократските сили во Србија. На отворањето на денешната сесија во Рига, генералниот секретар на Алијансата Јап Де Хоп Схефер ги потенцира главните точки од воената трансформација на НАТО со цел што подобро да одговори на предизвиците на дваесет и првиот век:

„НАТО силите за брза интервенција преку воздух, копно и море, се целосно оперативни и ние ќе одиме натаму во развојот на нови технологии, вклучувајќи ја и ракетната одбрана.“

Изјави Схефер. Станува збор за дваесет и пет илјади војници кои брзо ќе бидат распоредувани во кризните подрачја во светот. Инаку, вчера лидерите на НАТО разговараа за сојузничката заедничка операција во Авганистан. Претседателот Џорџ Буш побара од членките да ги отстранат рестрикциите кои им оневозможуваат на нивните војници да бидат поконкретно вклучени во борбите против талибанците во таа земја.

„Придонесувањето во мирот и стабилноста во Авганистан е важна цел во остварувањето на нашата колективна безбедност и на нашите вредности.“

Оценува генералниот секретар на Алијансата Схефер. НАТО лидерите особено го поздравија предлогот за формирање Контакт група во која клучните меѓународни актери би разговарале и би се усогласувале околу клучните стратегиски прашања. Побарано е од генералниот секретар Јап де Хоп Схефер да работи врз остварување на овој предлог.
XS
SM
MD
LG