Достапни линкови

Политизирањето на историјата не оди во прилог на сожителството


Поголемиот дел од стручната јавност се согласува околу делото на Скендербег, борец од 15-тиот век против османлиската империја и признат Западнобалкански јунак. Но, доколку тоа се претставува радикално, се сведува на дневна политика и постои тенденција за поинакво презентирање на историјата, односно дека оваа историска личност и припаѓала само на една заедница, тоа сигурно може да влијае на влошување на меѓуетничките односи, сметаат и историчарите и аналитичарите. Професорот Новица Вељановски од Институот за национална историја додава дека политизирањето на историјата што се случи при поставувањето на спомен обележјето на Скендербег во Скопје, не оди во прилог на сожителството:

„Во последно време Скендербег се исполитизира во смисла што албанската популација настојува да го прикаже како исклучително албанаски јунак без некоја консултација, преку прескокнување на прописите за поставување споменици и споменично одбележување и тоа некако создаде револт меѓу македонското население, во смисла дека сега станува збор за Скендербег, ама утре може некој друг да биде. А што се однесува до Скендербег немаше потреба од тоа и верувам дека никој ќе немаше против, ниту историчарите, ако се се одвиваше по некој канализиран пат.“

Посочува Вељановски. Дека реториката на политичарите е клучна при секое прашање што има национален карактер, а може да влијае врз меѓуетничките односи се сложува и аналитичарот од Институот за национална демократија Алберт Муслиу:

„Ако самото поставување екстремно се претстави од една страна, тоа сигурно ќе има негативно прифаќање од другата страна.“

Поставувањето на споменикот на Скендербег предизвика негативни реакции во јавноста поради непочитувањето на законската процедура. Компромис, нескривајќи го притоа политичкиот момент, е пронајден во последен момент, ни изјави Паско Кузман директор на Управата за заштита на културното наследство:

„Ја испочитувавме политичката одлука на највисоко ниво, тоа значи дека ние немавме друг избор освен да ја прифатиме и да се сложиме и да изнајдеме законска олеснителна можност со која се овозможува подигањето на споменикот на Скендербег заради добрите односи во државата,“

посочува Кузман.
XS
SM
MD
LG