Достапни линкови

Мисијата во Авганистан се очекува да доминира во рамки на самитот


Тешката мисија во Авганистан ќе доминира на самитот на НАТО што утре почнува во летонскиот главен град Рига. Проширувањето на Алијансата не е на дневен ред, а Вашингтон, понесен од новиот ентузијазам, по сојузничката соработка во Ирак, предлага НАТО да прерасне во чувар на светскиот мир во дваесет и првиот век. Сепак, аналитичарите се сомневаат во тоа, наведувајќи дека обединетиот западен пристап кон глобалните закани ќе треба да ја почека новата генерација лидери.

Ослабените лидери на Соединетите Држави, Франција и Британија, како што наведуваат посматрачаите, изгледаат немоќни постепеното спријателување да го претворат во нова безбедносна политика:

,,Рига доаѓа прерано. Се уште нема согласност.“

вели за Ројтерс, Рон Асмус, директор на германската Маршалова фондација во врска со шест часовните разговори што се планирани да ги водат лидерите на НАТО утре и задутре во Рига:

,,Нова можност за повторно составување на Алијaнсата ќе има во наредниве две до три години.“

вели Асмус, мислејќи на скорашното заминување од власт на американскиот претседател Џорџ Буш, на неговиот верен сојузник британскиот премиер Тони Блер и на францускиот претседател Жак Ширак кој ја предводи групата што се противи на војната во Ирак. Затоа можеби, според експертите, во Рига повеќе ќе се зборува за НАТО мисијата во Авганистан каде што околу триесет и две илјади војници ја водат најтешката војна во пеесет и седум годишната историја на Алијансата. Многумина сметаат дека токму од успехот на оваа мисија ќе зависи и иднината на НАТО. Заминувањето од функцијата на американскиот државен секретар за одбрана Доналд Рамсфелд, откако републиканците загубија на изборите за Конгресот, можеби го симболизира крајот на политиката ,,сам решавај си ги работите,, што ја водеше претседателот Џорџ Буш. Но, несогласувањата околу идните чекори се поостри од кога и да било порано, предупредуваат аналитичарите. Франција деновиве го предводи и движењето на отпорот на американскиот план НАТО да создаде мрежа на партнерства со земји од Скандинавија и од Азија. Имено, официјален Париз страхува дека со тоа Алијансата ќе прерасне во ,,жандарм ду монд,, односно ќе ја напушти изворната трансатлантска ориентација. Според дипломатите, токму тука некаде е и објаснувањето за тоа зошто земјите кои се надеваат еден ден да станат членки на НАТО, ќе добијат ограничена поддршка во Рига. Македонија, Хрватска и Албанија можат да очекуваат, како што се додава, израз на намера да бидат поканети за влегување во две илјади и осмата година, но без некои посебни гаранции. Тензиите меѓу Русија и Грузија, како и раширената непопуларност на НАТО во Украина засега ги оневозможува потесните врски на Алијансата со Тбилиси и Киев:

,,Многу е важно во Рига да се покаже дека не постои истоштеност на Алијансата за натамошно проширување.“

вели Џејми Шеј, директор за планирање во НАТО. Имено, американскиот Центар за стратегиски и меѓународни студии за расположението на јавноста во НАТО земјите околу приемот на нови членки, заклучува дека постои извесен степен на умореност од натамошно проширување на Алијансата.
XS
SM
MD
LG