Достапни линкови

Вера Рафајловска, министер за економија. На Македонија и требаат странски инвестиции, но најнапред треба да се создаде бизнис клима


Госпоѓа Рафајловска, и покрај сите напори на владата да покаже дека наредната година не очекува висок економски раст, проекциите се од шест и над шест насто, сепак истражувањата на повеќето релевантни меѓународни институции покажуваат дека догодина не не очекува ништо повеќе од 3,5 до 4 насто економски раст. Дали нашите очекувања се преоптимистички или пак истражувањата премногу песимистички?

Во секој случај економскиот раст преку ноќ не може да биде толку висок. Но, се цени дека на подолг временски период тој ќе се оствари. Значи, целта е да се оствари и висок економски раст и стабилен економски раст во иднина.

Во оваа насока, топ приоритет на оваа влада се странските инвестиции. Кои се очекувањата за 2007 и на кој начин се работи на овој план?

Агресивното работење на делот на создавањето на бизнис клима, создавањето на катастарот на недвижности, гаранцијата на договорите на странците секако и многу е битно дека мора да имаме ефикасен правен систем. Исто така, не можеме да цениме ако немаме стручна деполитизирана и професионална администрација. Сите активности се насочени кон создавањето на бизнис клима. За промовирањето на нашата земја постојат проекти, така наречени тим менаџмент, Мак Инвест, каде што владата заедно со коморите ќе работи на промоција на земјата во светот, како место каде што може странците да инвестираат. Секако, голема придобивка се бенефициите, во однос на намалувањето на даноците. Потоа, слободните економски зони, добивката не се оданочува, 50 насто од персоналниот данок ќе се признае. Исто така, и реинвестираната добивка нема да се оданочува. Тоа се сериозни зафати и цениме дека ќе бидат доволно привлечни странските инвеститори да дојдат во Република Македонија.

Но, како Македонија ќе се позиционира пред странските инвеститори. Имаме ли стратегија за тоа која е нашата целна индустрија којашто можеме да им ја понудиме?

Одредени се неколку целни групи. Тоа значи, автомобилската индустрија, односно авто делови, текстилната индустрија, агро бизнисот.

Најавена е и агресивна промоција на Македонија во светот. Како ќе го постигнеме тоа кога години наназад не следат скандали дури и при најобична туристичка промоција во светот. Каква е стратегијата за туризмот како дел од работата на вашето министерство?

Владата е подготвена да се изработи стратегија, која ќе оди на меѓународен тендер на кој ќе учествуваат странски и домашни консултанти, за да знаеме што е тоа што Република Македонија треба да вложува во туризмот што би ни донел најбрз бенефит. За тоа е потребна инфраструктура, значи авионски линии, патишта, екологија, категоризација на хотелите и рестораните. Ќе работиме на проектите Македонско село и Вински пат, значи независно од стратегијата ќе се работи на одредени проекти.

На државиве од регионот, меѓу нив и Македонија им се заканува енергетска криза. Имаше повеќе размислувања за излез од кризата, меѓу кои и гигантите самите да се снабдуваат со струја. Или дел од експертите се залагаа за изградба на нуклеарна централа. Какви се решенијата што ги предлага владата?

Тековно, она што сега не затекнува е фактот дека има недовлно енергија, заради затворањето на Козлодуј во Бугарија. Но, овој проблем во Република Македонија ќе се надмине со активирање на ТЕЦ Неготино. Тоа секогаш стои како ладна резерва. И се цени дека нема да има посебни проблеми во снабдувањето со електрична енергија. Во тек е и тендер за изградба на три големи хидро централи, Чебрен, Галиште и Бошков Мост. Исто така, има проект и за изградба на гасни централи во Скопје. Понатаму ќе се градат и под концесија ќе одат 70 мали хидро централи. И секои пет месеци ќе се објавува тендер за изградба на нови 70 мали хидроцентрали, со што бројката ќе достигне 400 мали хидро централи. Факт е дека за големите потрошувачи можеби ќе треба да одат и да набавуваат енергија слободно на пазарот. Затоа што Република Македонија ќе има обврска за либерализација на пазарот од 2008 година.

Дали тие тоа го прифаќаат? Имаше некои негодувања од нивна страна.

Се разговара. Вие гледате дека првично се направи консензус во однос на Силмак. Со оглед на тоа дека договорите истекоа во септември, до крајот на годината е решено прашањето, а понатаму ќе се разговара.

На кој начин е решено прашањето?

Обврска е Силмак да си ги подмири обврските и цената е малку зголемена во однос на претходната, којашто беше прениска и државата имаше одредени загуби.

Токму во услови на енергетска криза анктуелната влада го поништи тендерот за продажба на ТЕЦ Неготино. Беше ли тоа неопходно и како ќе се решава понатамошната судбина?

Поништувањето на тендерот не значи нерешавање на енергетската криза, затоа што ТЕЦ Неготино ќе се активира. Без разлика кој е сопственик. Понатаму ќе се објави нов тендер за продажба.

Госпоѓа Рафајловска, што е со огромните долгови за електрична енергија на буџетските корисници. Најавивте акционен план за средување на наплатата на електрична енергија во којашто рековте дека ќе биде земен предвид и социјалниот аспект. До каде е изготвувањето на оваа стратегија?

Што се однесува до буџетските обврски, тоа се остатоци од претходната влада, значи тоа не се обврски од сега. Во разговорите со ЕСМ ЕВН, договорено е тоа да оди постепено. По ребалансот на буџетот обврските ќе бидат измирани.

Што е со спорните концесии за минерални концесии. Направивте ли ревизија и како во иднина ќе се решава ова прашање?

Концесиите ќе одат на меѓународен тендер, за мермерите, гранитите и другите метали со што би се исклучило барањата за непосредна спогодба и ќе биде потранспарентно.
XS
SM
MD
LG