Достапни линкови

Власта ги крие негативните оценки во најновиот извештај на Европската комисија


Дел од хрватската опозиција смета дека хрватската влада ги крие од јавноста негативните оценки содржани во најновиот извештај на Европската комисија за хрватскиот напредок во преговорите за членство во Европската Унија. Се бара дури и посебна седница на владата посветена на таа тема.

Хрватските влада се колне дека влегувањето во Европската унија и е главна стратегијска цел, но, како што оценуваат во опозициониот Демократски центар, таа не се однесува така. Дека најновиот извештај на Европската Комисија за напредокот на Хрватска во преговорите за членство во Унијата не е подобар од претходните признава и премиерот Иво Санадер. Сепак, опозицијата смета дека хрватската јавност нема увид што точно пишува во тој документ од седумдесет страници. Владата треба да го преведе и да го објави извештајот, смета претседателот на Демократскиот центар Весна Шкаре Ожболт:

„Конечно, хрватските граѓани плаќаат данок и им ја плаќаат работата на оние што би требало да работат на приближувањето на Хрватска кон Европската Унија. Сакаме владата да ги најави конкретните мерки кои мисли да ги преземе.“

Поради тоа Демократскиот центар бара и посебна седница на хрватската влада на која би бил усвоен план на мерки за отстранување на проблемите, забележани во извештајот на Европската комисија:

„Што вели извештајот? Дека не се случува корупција во виските политички кругови, дека правосудството е инфицирано со политика, дека организираниот криминал во Хрватска не се сузбива во доволна мера, дека медиумите се под политички притисок. Владата досега не реферираше за овој извештај.“

Вели Весна Шкаре Ожболт, забележувајќи им и на медиумите поради тоа што извештајот недоволно и го претставија на јавноста. Но, така не мисли и професорот по европски интеграции на загрепскиот универзитет Дамир Грубиша:

„Јас мислам дека извештајот доволно и е презентиран на јавноста. Конечно, имаше многу коментари и текстови кои се занимаваа со она што беше содржано во документот.“

Вели Грубиша, додавајќи дека е сосема логично тоа што првите луѓе на хрватската политика ги нагласуваат само позитивни аспекти во извештајот, односно признанието дека бил направен извесен прогрес. Но, во него, како што додава, се предупредува и на критичните пунктови. Еден од нив: недоволните и бавни мерки за реформирање на неефикасниот и скап државен апарат.

„Имено, јавната управа е идентификувана како невралгична точка, како точка која е критична. И секако таа е истакната на прво место во извештајот каде што се набројани сите пропусти на хрватската влада, односно што таа вети, а што не успеа да го оствари.“

Наведува професор Дамир Грубиша.
XS
SM
MD
LG