Достапни линкови

Покрај планот, нема да има старт на преговорите за партнерство


Денешниот самит Русија, Европска Унија во Хелсинки, и покрај планираното, нема и официјално да го означи стартот на преговорите за нивното меѓусебно партнерство. Полска го искористи своето право на вето поради ембаргото на Русија на одредени полски земјоделски производи. Русија пак, најави дека од први јануари ќе воведе ембарго на месо и месни преработки и од Романија и Бугарија поради тамошните лоши ветеринарски услови.

Рускиот претседател Владимир Путин вели дека Европската Унија не се консултирала со Русија околу плановите да ги прифати Романија и Бугарија за свои членки. Според Путин, Москва е загрижена лошите стандарди на месото во тие две земји да не стигнат и во Русија преку другите членки на Унијата. Со исто објаснување беше и забраната што пред една година Москва ја воведе за увоз на месо од Полска. Полска пак, како и секогаш е чувствителна на секоја одлука на Русија и своите пет минути ги дочека на ден пред самитот во Хелсинки и го блокира почетокот на преговорите за стратегискиот руско европски договор за соработка, право што го има секоја земја членка на Унијата. Брисел се обидува да посредува меѓу двете страни, се разбира со голема наклонетост спрема Варшава.

„Ние јасно велиме дека руската забрана за полски производи би требало да биде укината што поскоро. Ние сме солидарни со Полска која е наша членка и ние целосно ја поддржуваме.“

Изјави Мати Ванханен, премиер на Финска, земја која е актуелен претседавач на Европската Унија. На ист став е и претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Барозо кој вели:

„Полска има некои легитимни причини за загриженост и ние и изразуваме солидарност. Но, таа мора да дејствува во рамките на Европската Унија. Верувам дека најдобар пат за решавање на проблемот е преку разговори.“

Со ова се согласува и рускиот претседател Владимир Путин кој исто така смета дека решението е во преговори:

„За да ги решиме таквите проблеми треба да седнеме на преговарачка маса да се договориме и да најдеме прифатливо решение.“

Смета Путин. Москва, според аналитичарите, очигледно го препозна фактот дека во Европската Унија, и покај солидарноста, сепак нема единствен став во врска со прашањето на увоз на месни и млечни производи. Имено, годишно Унијата извезува такви производи во Русија во вредност од две милијарди долари. Тука е и големата зависност на европските земји од руски гас и нафта. Инаку, стратегискиот договор за партнерство меѓу Унијата и Русија за што требаше да се разговара денеска во Хелсинки всушност е продолжување на постојниот таков договор со важност од десет години. Со новиот требаше да бидат покриени областите како енергијата, трговијата, човековите права, владеењето на правото.
XS
SM
MD
LG