Достапни линкови

Отстранување на последните траги од Железната завеса и воспоставување нови партнерства


Отстранување на последните траги од Железната завеса и воспоставување нови партнерства. Вака накусо се опишува дневниот ред на претстојниот самит на НАТО што во идната недела ќе се одржи во летонскиот главен град Рига. Имено, тоа ќе биде прва средба на врвот на членките на Алијансата во една поранешна советска република, а новите НАТО партнерства би биле на глобално, а не само на трансатлантско ниво.

На самитот во Рига, едно е сигурно, нема да има покани за приклучување кон НАТО. Она што можат да го очекуваат земјите од Јадранската група, Македонија, Хрватска и Албанија е позитивен сигнал за можно нивно членство во две илјади и осмата година. Сепак, на состанокот ќе се зборува за предлогот на Соединетите Држави за проширување на партнерството на НАТО со пет нови земји. Станува збор за Австралија, Јапонија, Нов Зеланд, Јужна Кореа, Шведска и Финска. Тие, според американскиот предлог кој го поддржува и Британија, би требало да земат поголемо учество во активностите на Алијансата:

„Овие пет земји, барем трите азиски земји Австралија, Јапонија и Јужна Кореа не бараат членство во НАТО. Но, ние сакаме партнерство со нив за поинтензивна воена соработка.“

Изјави американскиот државен потсекретар Николас Барнс, додавајќи дека станува збор за таканаречено глобално партнерство:

„Ова ќе биде приоритено прашање за Соединетите Држави на овој самит и веруваме дека НАТО ќе се согласи со оваа програма за глобално партнерство.“

Наведува Барнс, објаснувајќи дека ова партнерство е само еден дел од мозаикот партнерства во рамките на Алијансата. Тој прецизира дека станува збор за три поголеми НАТО партнерства:

„Првото партнерство е суштинско и сите го знаете како Партнерство за мир. Тоа е создадено пред десет години и во него главно се вклучени земји од источна Европа кои не се членки на НАТО, Албанија, Македонија и Хрватска.“

Во ова партнерство, како што изјави Барнс се исто така и Азербејџан, Ерменија, Грузија и уште пет централноазиски земји со кои Алијансата соработува и ги охрабруваат да бидат поблиски со неа.

„Некои од нив бараат членство, па претседалот Буш изјави дека тој ја поддржува Хрватска за членка во две илјади и осмата. Ние гледаме и на Македонија и на Албанија како можни кандидати за членство во НАТО.“

Втората партнерска група, според американскиот државен потсекретар Николас Барнс ја сочинуваат земјите од таканаречениот Медитарански дијалог кои за десетина години би можеле да станат дел од НАТО. Во неа се шест арапски земји и Израел, вели Барнс. На ваквите предлози, како што се дознава во извори на Алијансата, со страхување гледа Франција која смета дека тоа ќе води кон глобално НАТО со што ќе биде намален фокусот врз неговата трансатлантска димензија. Компромисот на самитот во Рига за ова прашање, според аналитичарите, би можело да се изнајде единствено во согласноста на членките да издвојуваат повеќе пари од нивните буџети за активностите на НАТО во светот.
XS
SM
MD
LG