Достапни линкови

logo-print

Радио Слободна Европа на семејството Кузмановски му донесе 1,700 евра


Радио Слободна Европа и македонските иселеници од Австралија внесоа топлина во животите на четричленото семејство Кузмановски кое живее во беда на периферијата на Битола, во населбата Билјаник. Нивната животна приказна емитувана на фреквенцијата на нашето радио им донесе 1. 700 евра или 115. 000 денари , пари колку што тие никогаш не виделе во животот. За нивната сиромаштија, Македонците од дијаспората дозна преку Македонското радио во Австралија, кое редовно ги реемитува вестите на Слободна Европа, во чии рамки овој месец беше објавена и социјалната приказна за Кузмановски.

Во неа беше дадена реална слика за мизерувањето во полураспадната солидарна барака на младата брачна двојка Александар (30) и Анета (21) со двете мали синчиња Јоваче (5) и Пеце (3). Беше напоменато дека ноќите ги минуваат во мрак, зашто поради насобраните неплатени сметки им беше исклучена струјата. Бедните одајчиња малку фалеше да останат незагреани , зашто немаа пари ни за еден кубик дрва. Паричната помош која ја добија деновиве е од голема корист за нив.

„Многу сум му благодарен на Радиото Слободна Европа кое со тоа што одвои простор за нашата мака не спаси од сиромаштијата и студот. Да се здрави и живи и илјада години да работат. Преку нив се најдоа хумани луѓе дури од Австралија. Претходно сум се појавувал и на други медиуми. Различни организации ми помагале по малку, но ниту еднаш не сум добил толку пари. Утре одам да ја платам струјата, водата, ќе направм шупа и ќе си купам дрва,“

рече Александар Кузмановски.

Тој од пред една година преку писмо испратено до македонската црква во Австралија се обидува да го пронајде сопствениот татко , кој го напуштил уште пред да се роди, за да го помоли за помош. Абер од него се уште не стигнал, но затоа пак слух пројавија други хумани Македонци кои за два дена откако ја чуја приказната за сиромашното семејство ги собраа парите и преку банка му ги доставија.

„Кога отидовме да ги извадиме парите од банката чувството беше неописливо. Гледав како ги редат по број и не можев да поверуваме дека се наши. Не се ни надевав дека ќе се најдат хумани луѓе, па дури од Австралија, да ја подзакрпат нашата сиромаштија,“

рече сопругата Анета Кузмановска.

Но, на помошта најмногу се израдува двете мали братчиња, кои зимава нема боси да газат по снегот. Мајката Анета кажува дека веднаш им купиле чизми, а деновиве ќе ги подноват со зимска облека.

Од Македонското радио во Австралија признават дека секојдневно се “бомбардирани” со социјални приказни. Но, од оваа им навреле солзи на очите. Велат дека тоа е доказ колку моќно и колку од корист може да биде новинарското перо.
XS
SM
MD
LG