Достапни линкови

Судењето против Садам Хусеин било оневозможено да биде фер


Хјуман рајтс воч го критикува ирачкиот суд кој неодамна го осуди Садам Хусеин за смрт со бесење поради злосторства против човештвото. Во извештајот објавен денеска се наведува дека Ирачкиот суд направил толку многу сериозни пропусти поради што било оневозможено судењето против поранешниот ирачки претседател да биде фер.

Процедуралните пропусти биле толку големи поради што и самата пресуда може да се оцени како неоснована, се наведува во извештајот на Хјуман рајтс Воч, во кој се додава дека врз независноста на судот, со своите изјави, влијаеле и ирачките државни претставници.

„Казната за лидерот на поранешниот режим не е казна само за него, туку и за мрачната ера во историјата на Ирак. Во целосна отворена и фер атмосфера, судот донесе смртна казна.“

Изјави ирачкиот премиер Нури ал Малики, по објавувањето на пресудата на ирачкиот суд за Садам Хусеин. Тој тогаш и со ветување за правосудниот систем во Ирак:

„Во новиот Ирак правото ќе биде над сите и ниту една партија или група не ќе може да го нарушува или да манипулира со него.“

Изјави Малики. Но, извештајот на Хјуман рајтс воч за судењето на Хусеин, според оценките на аналитичарите, го покажа спротивното. ,,Трибуналот ја прокоцка шансата да му донесе правда на ирачкиот народ. Неговата одлука за смртна казна по нефер судење е неодржлива,, изјави за Ројтерс Нехал Бута, автор на извештајот, направен врз основа на разговори со судиите, обвинителите и адвокатите на одбраната. Судењето против Садам Хусеин и седумтемина негови соработници за злосторства во случајот Дуџаил почна пред една година. Соединетите Држави беа против формирање меѓународен суд и се залагаа судењето да се одржи во Ирак и покрај страхувањата дека секојдневното весрко насилство во земјата би можело да влијае врз пресудата. Смртната казна за Хусеин и за двајца негови соработници не претставуваше изненадување за посматрачите на контроверзниот судски процес во кој беа убиени тројца адвокати на одбраната, а првиот претседател на судот поднесе оставка. Во извештајот на Хјуман Рајтс Воч се наведува дека на судиите им недостигала стручност за таков сложен процес, а од ирачките власти се бара да дозволи на идните процеси да учествуваат и меѓународни судии. Исто така се прецизира дека за четириесете дена колку што заседавал судот биле сослушани седумдесет сведоци, но оти не постои никаква пишана транскрипција за тоа.
XS
SM
MD
LG