Достапни линкови

Ристо Гуштеров, бизнисмен. Џонсон Контролс ќе повлече многу во Македонија


Веста за доаѓањето на Џонсон Контролс во Македонија звучи оптимистички. Можете ли да ни ја димензионирате оваа инвестиција?

Мислам дека Џонсон Контролс ќе повлече многу во македонската економија. Преку доаѓање на други глобални компании, а и преку развој на локални суб испорачатели, коишто мора да бидат локален приврзок на развиени глобални компании. Самата инвестиција треба да биде околу 50 милиони долари. Додека во првата фаза се димензионира на 20 милиони долари. Ако првата фаза е успешна, побрзо ќе се оди на втората и третата фаза.

Дали може да повлече и светски бренд во автомобилската индустрија?

Па, мислам да. Одењето на една глобална компанија во една дестинација привлекува и други глобални компании. Не од причина затоа што тие се љубоморни, туку затоа што првата компанија којашто влегла се претпоставува дека нашла плодна почва, за да дојдат и другите компании. Тие се крво поврзани и верувамн дека нешто ќе се случи.

Што се однесува до вас, станува збор за провизија?

Нема никаква провизија. Такви прашања ми беа поставени два пати, еднаш од премиерот Груевски, а втор пат од потпретседателот на Џонсон Контролс, зошто тоа го работам? Мојот одговор е дециден – сакам да и помогнам на мојата татковина и на мојот народ, нема никакви провизии.

Кој е Џон Парк?

Џон Парк не е човек што директно не прави инвестиции, туку ќе биде силен лобист. Се работи за унапредување на сточатството, националните паркови во Република Македонија. Потоа, производство на млеко и млечни производи и ред други работи. Во тој сегмент исто така се наметнува и развојот на туризмот и археологијата што може да го заитригира светското јавно мислење за Македонија.

Во кои гранки може Македонија најмногу да даде?

Основно е тоа што ни дала природата. Тоа е земјиделието и сточарството. А, треба да се развива и производството на олово и цинк. Тој сегмент во последните години беше неочекувано дилетантски запоставен. Се затворија рудниците, топилницата, што за македонската државата претставува загуба и до милијарда евра производство што можеше да се пласира во странство, а сами знаете дека цената на светските берзи драстично порасна. И кога таквите метали се бараат на лажичка, нашите рудници се затворени, освен Бучим што функционира под раководна палка на руска компанија.

Владата најави рамен данок. Што вие мислите за тоа?

Со конзистентна даночна политика, со стабилен правен систем и максимална заштита на правата на доверителите. Со стабилен политички амбиент и немање воена дестабилизација е доволно глобалните компании и регионалните компании да дојдат и да најдат привлечно место за инвестиции и профит во Македонија. Но, морам да напоменам дека владата мора да биде конзистентна и да опстои и секое менување ќе значи и лош сигнал за странските сигнали.

Македонија е свртена кон западот, но од економски аспект, дали е потрбно зајакнување на врските со истокот?

Јас тоа го зборувам од 91 година. Стално ја исфрлав крилатицата, да ЕУ, да НАТО со САД максимално добри односи, но никогаш не треба да се заборави дека Македонија треба да има максимално продуктивни односи со Русија и Украина што се огромни пазари за македонските производи, каде што Македонија е свртена енергетски и каде што нашата позиција и политички во многу нешта зависи од Русија.

Вие останавте надвор од македонската економија. Зошто?

Во јавноста малку се знае дека бев присутен во македонската економија со повеќе проекти. Меѓутоа, неуспешно и тоа е крунисано со губење многу пари. Јас како фирма изгубив преку десет милиони долари во Македонија правејќи напори да се реализираат одредени проекти. Тогашната политичка олигархија, па и до ден денеска, исклучувајќи ја сегашната влада, тие правеа се да било каков напор од страна вклучувајќи и наши граѓани ќе значи и промена на системот на вредности, што тие не го сакаа.

Можен ли е бизнис во Македонија без врски со политиката?

Мислам дека тоа е грешката на Македонија во транзицијата. Политичката олигархија створи економска олигархија којашто беа систем на врзани садови и направија во Македонија да има една голема фирма и таа постојано да се развива. Наместо да се створат услови за развој и на други фирми. Буџетот за жал во последните 15 години беше најголема фирма и сите беа врзани за него, а резултатот е она што го имаме и денеска.
XS
SM
MD
LG