Достапни линкови

Нови вработувања и инвестиции, но и дефицит во буџетот и повеќе поволности за бизнис елитата


Стимулирање на вработувањето и привлекување на странските инвестиции, согласни се домашните економски експерти околу позитивните ефектите што вообичаено се очекуваат од намалувањето на даночните стапки, чекор што го направи и македонската влада, намалувајќи ги персоналниот и данокот на добивка и претходно данокот за опрема за земјоделието. Објаснувајќи го ланецот на поволности кои што треба да се постигнат со воведувањето на рамен данок Марјан Николов од Центарот за економски анализи посочува:

„Значи по основ на данок на додадена вредност би требало да се очекуваат приливи, поради зголемената куповна моќ на граѓаните поради ново отворените работни места, понатаму ново отворените работни места ќе значат поголем прилив по основ на персонален данок, и нормално нови инвеститори кои што инвестираат во одредени компании за да добијат профит, а ако прават профит тогаш за очекување е да има поголем прилив на данок на добивка.“

Вели Николов. Наспроти ваквите позитивни аргументи, економскиот експерт Борче Смилевски, посочува и на негативностите карактеристични за рамниот данок:

„Се смета дека рамните даноци најмногу ја погодуваат средната класа во едно општество, односно оние луѓе што имаат поголеми приходи практично ќе плаќаат исто данок, како и оние што земаат помал доход.“

истакнува Смилевски. Економските експерти стравуваат и притоа советуваат претпазливос, и од намалувањето на приходите во буџетот, како резултат на воведувањето на рамни, односно намалени даноци. Од Министерството за финансии посочуваат дека веќе е договорено со Меѓународниот монетарен фонд дека дефицитот во буџетот во рок од една година ќе изнесува 1%, што според политиката на Владата треба да се надомести, со намалување на расходите и зголемена наплата на даноците. Колку има простор да се верува дека ќе има зголемен интерес за наплатата на даноците, професорот од Економскиот факултет Михаил Петковски смета:

„Не е толку сигурно колку намалувањето на расходите. Но, мојот впечаток е дека има простор за зголемување на наплатата, но сепак оваа фаза е критична.“

Сепак за да се постигне ефектот од рамните даноци, нови вработувања и посебно привлекување на странските инвестици, стручната јавност потсетува и на другите мерки кои што треба да се реализираат:

„Тука пред се мислам на борбата против корупцијата, олеснувањето на водењето бизнис итн.“

Забележува професор Петковски.
XS
SM
MD
LG