Достапни линкови

logo-print

Опозицијата стравува дека рамните даноци ќе ја испразнат државната каса


По намалувањето на данокот за репроматеријали и опрема во земјоделието, Владата го намали и персоналниот и данокот на добивка, на 12 отсто од 1 јануари 2007 година, односно 10 отсто во 2008- та година. Меѓународните финансиски организации ММФ и Светската банка под чиј мониторинг е макроекономската политика на земјава, начелно се согласуваат со ваквата политика на Владата. Во Светската Банка, посочуваат дека за нив, како и за Меѓународниот монетарен фонд, е најважно како ќе се надомести намалувањето на средствата во буџетот за што добиле уверување во Владата односно надлежното Министерство за финансии, дека кусокот во буџетот ќе се надомести со кратење на расходите и со зголемување на другите приливи. Објазложувајќи ја оваа политика на Владата министерот за финансии Трајко Славевски изјавува:

„Со домаќинско трошење на средствата од даночните обврзници ќе ги обезбедиме неопходните заштеди за да се надомести евентуалната загуба на доход, која што е само привремена, затоа што пак, со пониски стапки очекуваме драстично да се зголеми подготвеноста на даночните обврски да ги подмируваат своите обврски кон државата.

Од Министерстовото за финансии исто така посочуваат дека во буџетот за наредната година точно ќе биде прецизирано од кои ставки ќе се крати за надоместување на буџетскиот прилив по намалувањето на даноците.
Но, наспроти ваквите убедувања од Владата дека ќе нема опасност по државната каса, опозицијата стравува од спротивното. Никола Поповски од опозициониот Социјалдемократски сојуз и поранешен министер за финансии посочува:

„Помали даноци значи помала можност да се финансираат јавните потреби и на крај тоа завршува со дефицит во буџетот.“

И во нивниот коалиционен партнер Либерално-демократска партија со критички погледи. Според нив намалувањето на персоналниот и данокот на добивка, повеќе им оди во прилог на работодавците, а не на граѓаните:

„Доколку тие успеаат овие пари да ги дадат за повисоки плати на вработените тоа би било добро, но доколку само се полнат нивните џебови мислам дека апсолутно ништо не се постигнува.“

изјавува Роза Топузовска Каровска од ЛДП. Во опозицоната ДУИ од албанскиот политички блок пак, велат дека ќе почекаат да ги видат ефектите, но се загрижени поради можноста празнењето на буџетската каса да погоди некои ранливи ресори:

„Како што се здравството, социјалата или пак образованието.“

вели Ермира Мехмети од ДУИ.
XS
SM
MD
LG