Достапни линкови

Мора да се реши косовскиот статус и да се догради Уставот на Босна и Херцеговина


Статусот на Косово мора да биде утврден, а во Босна и Херцеговина да се догради Уставот, вели, меѓу другото, хрватскиот претседател Стјепан Месиќ кој во интервју за Радио Слободна Европа се осврнува врз односите и состојбите во регионот. Според него, во Хрватска се уште имало медиуми кои се занимаваат со, како што наведува, пребројување на крвните зрнца.

Остана уште Косово, вели хрватскиот претседател Стјепан Месиќ за ситуацијата во регионот по распаѓањето на поранешна Југославија. Месиќ оценува дека Југославија немала никакви интегративни фактори и оти републиките го искористиле правото што им го даваше Уставот од илјада деветстотини седумдесет и четвртата година, а тоа е да се издвојат од заедничката држава. ,,Србија спаѓа меѓу ретките кои добиле самостојност без да го сакаат тоа,, наведува Месиќ во интервјуто со нашата новинарка Мирјана Ракела:

„Статусот на Косово мора да биде утврден. Не може да остане оваа статус кво ситуација уште долго време. Преговорите почнаа и најдобро е тие да завршат со спогодба меѓу Приштина и Белград. Самостојноста на Косово мора да биде засована врз европски стандарди, но и со гаранција дека Косово не може да биде приспоено кон ниту една друга земја. Да престанат страхувањата од создавање Голема Албанија.“

Во врска со ситуацијата во Босна и Херцеговина, претседателот Стјепан Месиќ смета дека е неопходна промена на тамошниот устав:

„Дејтонската спогодба ја запре војната во Босна и Херцеговина, но не овозможи функционирање на институциите на државата. Така сега ентитетите често се однесуваат како држави иако тие не се тоа. И во таа смисла треба да се догради Уставот: за да може Босна и Херцеговина да функционира како и секоја добро правно уредена европска држава.“

Запрашан за бројните реакции што во Хрватска ги предизвика неговата неодамнешна одлука да помилува еден припадник на поранешната српска милиција во Краина кој бил осуден за воени злосторства, Месиќ вели дека во Хрватска постојат медиуми кои се задолжени да го разгоруваат пребројувањето на крвните зрнца. Одлуката за помилување, како што додава, била според Уставот.

„Никој не реагира кога на некој хрват ќе му биде намалена казната. Но, ако на еден србин му се укине една од десете години затвор на колку е осуден, тогаш националистичките кругови веднаш реагираат. Ако мислат дека не смеам да помилувам србин тогаш нека бараат промена на Уставот со кој сите во нашата земја би биле рамноправни, освен србите. Но, дали и натаму ќе бидам на чело на таква држава, за тоа јас ќе решам.“

Вели, меѓу другото, претседателот на Хрватска Стјепан Месиќ во интервјуто за Радио Слободна Европа.
XS
SM
MD
LG