Достапни линкови

logo-print

Од компјутеризацијата на општините се зголеми ефикасност на администрацијата


Промоција на информатичко-комуникациската технологија и зголемување на транспарентноста и ефикасноста на македонските институции, ова е целта на проектот „Е-влада“ кој Американската Агенција за меѓународен развој УСАИД ја спроведе во неколку општини во земјава. По првичните резултати, од УСАИД велат дека следната фаза од овој проект ќе биде надградба на нова софтверска опрема што треба да ја унапреди и олесни комуникацијата на граѓаните со локалната власт:

„Сите барања кои доаѓаат од граѓаните ќе се канализираат преку софтверската опрема и ќе одат до општинската администрација. Општинската администрација пак, повторно користејќи го софтверот ќе ги проследува тие барања до градоначалникот доколку е тоа потребно или до градскиот Совет, доколку прашањето се однесува на работата на градскиот Совет.“

Вели Вања Мирковски, од одделението за односи со јавност во УСАИД..
Иако се задоволни од ефектите на проектот во сите општини каде што е спроведен, од УСАИД велат дека Велес е општината што постигнала најголеми резултати.
Судејќи според резултатите, градоначалникот на Велес, Аце Коцевски вели дека ваквата инвестиција повеќекратно се исплатува:

„Имаме отворено две бесплатни пристапни точки за интернет, една во градската библиотека, една во најнаселенето пристапно место во општина Велес. Архивата се води електронски, јавните набавки се водат исто така електронски, сите детални урбанистички планови се дигитализирани, значи издавањето на дозволи се одвива комплетно по електронски пат.“

Електронската општина значително ја зголеми ефикасноста во работата на општината, вели Коцевски овозможувајќи побрза и поквалитетна услуга на граѓаните и истовремено олеснувајќи им ја работата на општинските службеници.
Од неодамна и седниците на општина Велес се одвиваат по електронски пат:

„Тоа значи дека материјалите за седници не ги фотокопираме, туку советниците ги добиваат по пат на интернет или пак доколку станува збор за обемни материјали тогаш ги добиваат на це-де дискови. Тие пред себе имаат и лаптоп компјутери, така што целосно седниците се по електронски пат.“

Пилот проектот за софтверот „Одговорност преку транспарентност“ ќе се спроведе во општините Ресен, Битола, Штип, Велес, Кочани, Кавадарци, Гостивар, Гази Баба, Струмица и во Скопје. Овој проект е фокусиран само на владиниот сегмент, а во меѓувреме УСАИД го спроведе и проектот електронски училишта што имаше за цел да ја модернизира наставата во неколку училишта во земјава.
XS
SM
MD
LG