Достапни линкови

Експертите сметаат дека проблемот е во непостоњето на политичка култура


Меѓународните претставници во земјава постојано повикуваат на соработка меѓу клучните партии, оние кои учествуваат во владата и оние кои се во опозицијата, тие пак континуирано истакнуваат дека ќе бидат конструктивни и ќе соработуваат за важните прашања од сите области, но кога ќе започне расправата како на пример онаа за законот за полиција, таа трае и по неколку месеци, а резултатот како што се вели во извештајот на Европската комисија е одолговлекување на спроведувањето на реформите. На што се должи оваа слика во Македонија, објаснува Рената Дескоска од Правниот факултет:

„Се додека не се изгради свест дека за клучните стратешки прашања на Македонија, мора да се има консензус, а власта и опозицијата мора да бидат во постојан дијалог и за другите прашања, во тој случај ние неможеме да зборуваме за некаква демократија. Најголем проблем е во политичката култура, немање политичка култура која ќе значи дијалог и меѓу власта и опозицијата, а понекогаш за жал видовме дека и помеѓу институциите немаме дијалог.“

Евроамбасадорот Ерван Фуере во интервјутото за Радио Слободна Европа што ќе се емитува во недела, вели нема замена за дијалогот:

„За да имате ефективна Влада важно е да се надмине недовербата и како да се направи тоа. Па единствен начин е дека нема замена за дијалогот, а тоа е луѓето да седнат и да се погледнат во очи и да се обидат да видат кои се прашањата што довеле до недовербата и како да се надминат.“

Партиите пак со свое видување во зависност од тоа дали учествуваат во Владата или не. Оние од владеачките партии велат соработка има, но понекогаш е поинтензивна, некогаш послаба:

„Можеби во овој период е така да кажам помалку видливо и така натаму, но не дека го нема и дека во иднина нема да се развива многу повеќе.“

Изјави Оливер Шамбевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Џевад Адеми од опозициската ДУИ посочува зошто изгледа дека декларативно се залагаат за конструктивна соработка, а во праксата тоа е поинаку:

„Тоа се должи на ароганцијата на сегашното парламентарно мнозинство кое е апсолутно глуво на секое наше барање.“

Аналитичарите со свое видување како да се надмине оваа состојба:

„Кога опозицијата ќе сфати дека и таа е повикана и ја сноси одговорноста за клучните одлуки и кога власта ќе сфати дека не е ексклузивно нејзино право да одлучува за иднината на Македонија.“

Изјави Дескоска.
XS
SM
MD
LG