Достапни линкови

logo-print

Демократите ја преземаат контролата и на Сенатот


По Претставничкиот дом на американскиот конгрес, опозиционата Демократска партија, по се изгледа, ја презема контролата и врз Сенатот, што е за прв пат во изминативе дванаесет години. По завчерашните избори останаа да се избројат уште гласовите за сенатор во Вирџинија. Според последните информации, таму победува демократот Џим Веб со што неговата партија ќе добие пеесет и едно, од стоте места во Сенатот. Убедливата победа на демократите ја однесе и првата жртва кај републиканците. Државниот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд поднесе оставка.

Американскиот претседател Џорџ Буш на ваков начин го прифати, како што рече, јасниот сигнал од американскиот народ покажан на изборите и ја призна новата политичка реалност во земјата:

„Сега по многу сериозни разговори, секретарот Рамсфелд и јас се согласивме дека е вистинско време за ново раководство во Пентагон.“

Изјави Буш кој со одлуката да го смени министерот за одбрана и тоа ден откако неговите републиканци беа победени на изборите им даде уште една победа на демократите. Имено, тие беа најгласните критичари на Рамсфелд и јавно бараа да биде разрешен. На местото на Доналд Рамсфелд доаѓа Роберт Гејтс, поранешен директор на ЦИА. Буш од него очекува свежа перспектива за постигнување на целите во Ирак кој, како што оцени, била главната причина за победата на демократите.

„Очигледно, јас сум разочаран од изборните резултати и како лидер на Републиканската партија делам голем дел од одговорноста. Наша должност е да ги оставиме изборите зад нас и да работиме заедно со демократите врз големите предизвици со кои се соочува оваа земја.“

Изјави Буш кој претходно на новиот спикер на Претставничкиот дом Ненси Пелоси и ја честитал победата.

„Ова ново мнозинство на демократите го слушна гласот на американскиот народ. Ќе му го вратиме интегритетот на Вашингтон и ќе направиме овој Конгрес да биде најчесен во американската историја.“

Вети Пелоси. Многумина аналитичари се согласуваат дека демократите ќе почнат да ги истражуваат контроверзните одлуки на администрацијата на Буш во надворешната и внатрешната политика. Според Дејна Алин од Лондонскиот институт за стратегиски студии, кохабитацијата неминовно ќе доведе до промени во американската политика.

„Очигледно е точно дека ова нема да има директен ефект на политиката со Ирак например, но ќе има директен ефект на правецот што ќе го земе американската политика и среднорочно гледано таа ќе биде поумерена.“

Илејн Камарк, аналитичарка од Хавард пак смета дека Буш би можело да ја продолжи својата политика, но во тој случај, како што додава, на конгресот е да најде креативни начини за да влијае врз него. Имено, иако, надворешната политика е скоро целата во рацете на претседателот, парите за нејзино спроведување се во Конгресот.

„Ништо не ќе може да му мине во Кепитол Хил се додека за тоа не се согласат демократите и републиканците. Значи, претседателот ќе има многу ограничени можности.“

Впрочем, многумина сметаат дека осми ноември не беше само ден по конгресните избори, туку и прв ден од кампањата за претседателските избори по две години.
XS
SM
MD
LG