Достапни линкови

logo-print

Демократите ја преземаа контролата на Претставничкиот дом


Американски избори. Последните податоци покажуваат дека опозиционата Демократска партија ја презеде контролата врз Претставничкиот дом каде што дванаесет години доминираа републиканците на претседателот Џорџ Буш. Се уште не е јасно дали така ќе биде и во Сенатот каде што на демократите им требаат уште два сенатора за да ја имаат конторолата и врз овој дом на американскиот Конгрес. Демократите добија гувернери и во оние држави за кои се смета дека се традиционално републикански, како Колорадо, Арканзас, Мериленд, Охајо. Единствено републиканецот Арнолд Шварцингер беше реизбран за гувернер на Калифорнија.

Победата на демократите, доколку биде и официјално потврдена, ја промовира Ненси Пелоси од Калифорнија како прва жена во американската историја која ќе стане спикер на Претставничкиот дом:

„Вечерва е голема победа за американскиот народ. Денеска. американскиот народ гласаше за промени. Гласаше за тоа демократите да ја поведат земјата во нов правец.“

Изјави Пелоси на победничкиот собир во Вашингтон. Шефот на изборниот штаб на демократите Раум Емануел со оценка дека американците не погрешиле во нивниот избор.

„Американскиот народ испрати гласна и јасна порака за промени и за нов правец за Америка. Ги прифаќаме вашите гласови не како победа на нашата партија, туку како можност за оваа наша држава.“

Историски, изборите за конгресот се фокусирани врз локалните и внатрешните прашања. Но, истражувањата спроведени на самите избирачки места во Соединетите Држави покажаа дека гласачите не се задоволни од Конгресот и од администрацијата на претседателот Џорџ Буш. Тројца од четворица гласачи изјавија дека корупцијата влијаела за нивната одлука да гласаат за демократите. Дури шеесет насто пак, сметаат дека војната во Ирак е грешка. Претседателот Џорџ Буш кој се вклучи во кампањата на неколкумина републикански кандидати пак изјавуваше дека токму Конгрес кој ќе биде контролиран од демократите ќе биде опасност да се загуби војната во Ирак, а со тоа и војната против тероризмот. На вчерашните избори се гласаше за четиристотини триесет и пет места во Претставничкиот дом, за триесет и три места во Сенатот, а во триесет и шест држави се одржуваа и гувернерски избори. Во оние за Сенатот по втор пат победи Хилари Клинтон, сопругата на поранешниот претседател Бил Клинтон за која се смета дека би можела да биде кандидат на демократите за претседателските избори по две години. Што се однесува до изборите за гувернери интересна е повторната победа на филмската ѕвезда Арнолд Шварценегер кој претходно се огради од политиката на претседателот Буш:

„Тука во Калифорнија докажуваме дека постои поинаков начин и подобар пат за решавање на проблемите. Имаме разлики, но не сме поделени. Се бориме за нашето, но не напаѓаме други. Тоа е калифорниски начин.“

Изјави Шварценегер. Инаку, вчерашниот изборен ден беше одбележан и со низа пропусти. Имено во дванаестина држави беа забележани проблеми во електронските гласачки машини, но, како што се наведува, тоа нема да има поголемо влијание врз изборните резултати.
XS
SM
MD
LG