Достапни линкови

Радмила Шеќеринска на местото на Владо Бучковски


Со 456 гласа за, Радмила Шеќеринска стана нов лидер на Социјалдемократскиот сојуз. По завршувањето на вонредниот конгрес на оваа партија Шекеринска, која беше единствен кандидат за лидер на партијата, изјави дека СДСМ ќе добие нов лик:

„Вртиме нова страница во која ќе престанеме да дискутираме за тоа кој која функција треба или може да ја има. Ќе почнеме да дискутираме за вистинските прашања, за Република Македонија, за социјал демократскиот модел на Република Македонија во 21 век.“

За генерален секретар на партијата е избран Горан Минчев кој во трката за оваа функција се натпреваруваше со Љупчо Јордановски. Минчев вети добра иднина за СДСМ.

„Мислам дека во наредниот период ќе докажеме дека СДСМ функционира онака како што треба.“
За владејачката ВМРО-ДПМНЕ новиот лидер на партијата ги покажал своите сили на парламентарните избори, но во функција на прашањата што се од суштински интерес за државата, се надеваат на добра соработка со СДСМ.

„Сегашниот претседател на СДСМ Шеќеринска, беше оној носител на листа во четвртата изборна единица којшто загуби со најголема разлика, таму победата на ВМРО-ДПМНЕ беше најубедлива. Ние се надеваме дека ќе имаме есенцијална соработка,“

изјави Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ

И од Демократската унија за интеграција го поздравуваат изборот на новото раководство во партијата и се надеваат на добра соработка со Социјалдемократите.

„Мислиме дека ова раководство ќе има волја и знаење да работи подобро,“
изјави Рафиз Алити од ДУИ

Експертите велат дека изборите во СДСМ ќе беа подемократски ако за лидер на партијата се натпреваруваа двајца, а не еден кандидат, но сепак очекуваат во иднина да се смираат внатрепартиските тензии во оваа партија.

„Можеби не на парламентарни, но на партиските нивоа може да се очекува консолидација на структурата. Тие беа длабокот поделени и мислам дека Шеќеринска ќе успее да се оттргне од сенката на Бранко Црвенковски,“

вели политикологот Владимир Божиноски
XS
SM
MD
LG