Достапни линкови

Светските лидери ја поздравија пресудата, но се стравува за нова ескалација на насилствата во Ирак


Поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин е осуден на смрт со бесење откако беше прогласен за виновен за злосторства против човештвото. Светските лидери ја поздравија пресудата, но безбедносните сили во Ирак страхуваат дека таа ќе предизвика одмазнички напади на садамовите приврзаници.

Во Багдад се уште трае вонредениот полициски час, воведен за да бидат спречени евентуалните немири поради пресудата на поранешниот претседател Садам Хусеин. Сепак, најстрого било во родниот град на Хусеин Тикрит, како и во централниот дел на Ирак каде што шиитите ја прославуваат пресудата. Во меѓувреме, американскиот претседател Џорџ Буш изјави дека судењето на Садам Хусеин е пресвртница во напорите на ирачкиот народ да го заменат владеењето на тиранот, со владеење на правото.


„На Ирак му претстои уште многу работа во изградба на општество со еднакви права и заштита за сите граѓани. Историјата ќе ја забележи денешната пресуда како важно достигнување на патот кон слободно, правично и обединето општество.“

Изјави претседателот Џорџ Буш кој пред новинарите во градот Вако, каде што престојуваше во рамките на предизборната кампања на републиканските кандидати за Конгресот, сепак, директно не говореше за досудената смртна казна за Хусеин. И Европската Унија ја поздрави пресудата, но побара од ирачките власти да не ја извршуваат смртната казна. Официјална Москва пак, предупреди на можни катастрофални последици по Ирак доколку казната биде извршена. Садам Хусеин е осуден на смрт поради тоа што наредил убиство на сто четириесет и осум шиити во илјада деветстотини осумдесет и втората година во селото Дуџаил каде што претходно вооружени шиити не успеале да го убијат. Освен него, на смрт со бесење се осудени уште двајца негови блиски соработници, полубратот Барзан Ибрахим ал Тикрити и поранешниот врховен судија Авад Хамед ал Бандер. Поранешниот потпретседател Таха Јасин Рамадан е осуден на доживотен затвор, тројца други добија петнаесет години, додека еден е ослободен поради недостиг на докази. Статутот на трибуналот предвидува автоматска процедура на вложување жалба во случај на смртна казна, така што нејзината примена може да биде одложена за неколку недели или месеци. Хусеин за време на процесот против него што почна пред една година постојано изјавуваше дека очекува да биде осуден на смрт, но не и со бесење:

„Запамтете дека Садам Хусеин е војник. Секој војник заслужува смртната казна да биде со стрелачки строј, а не со бесење како обичен криминалец.“

Изјави Хусеин пред судот во јуни годинава. Нему сега му претстои судење и за други воени злосторства, односно за убивањето илјадници курди во северниот дел на Ирак.
XS
SM
MD
LG