Достапни линкови

Миле Јанакиевски, Министер за транспорт и врски. Целата влада стои зад намерата за расчистување со урбаната мафија


Господине Јанакиевски, кога веќе толку посветено се борите против урбаната мафија и и објавивте војна, претпоставувам дека и без списоците на градоначалниците, коишто очекувате да ги добиете, сепак ги имате имињата на фирмите коишто се вмешани во овој нелегален бизнис. Кои се тие?

Детално можам да ви кажам кога ќе излеземе на терен, затоа што сега голем број од градоначалниците дополнително доставуваат информации. Она што сега го знаеме е ФИКОМ и Самариа. За неколку недели ќе ги знаеме точно градбите, кога ќе излеземе на терен и ќе ја провериме релевантноста на информациите што ни ги даваат градоначалниците. Се надевам дека тие информации се добри. Секој ден ќе се откриваат нови градби, и притисокот ќе се зголемува, како од мене, така и од МВР, се со цел да продолжиме во борбата против урбаната влада, зад што застана и целата влада.

Елинг, Скопски Пазар, Бортаст, беа дел од имиња на фирми објавени во некои медиуми, точни ли се?

Треба да се проверат информациите. Треба да видиме дали има решенија за уривање. Зошто не се спроведени тие решенија за уривање, и ќе ги притискаме градоначалниците да ги извршат овие решенија. На ред сега е втората фаза, го добивме извештајот и сега еден по еден објект, на терен, ќе излегуваме во јавност, ќе кажеме дека има решение за уривање, ќе го повикаме градоначалникот, зошто не го извршил тоа решение за уривање и ќе поведеме постапка против нив, како што беше случајот со зградата зад Градски стадион, каде што десет месеци не било спроведено решението за уривање.

Велите податоци, имате ли сознанија за колку нелегални објекти, односно дивоградби станува збор во државава, односно на територијата на Скопје?

Па, во првиот момент побаравме извештај за станбените згради. Се работи за 15-тина згради. Се надевам дека бројката од ден на ден ќе се зголемува.

Кои се најистурени општини?

Според првичните информации тоа се општините Центар и Кисела Вода, но добиваме и уште информации и дополнително доставуваат градоначалниците информации.

Се доведовме ли во ситуација, локалната власт да биде помоќна од централната власт, посебно во сферата на градежната регулатива, бидејќи сите надлежности од оваа сфера ги имаат во свои раце?

Факт е дека со процесот на децентрализација, драстично се намалени ингеренциите на централната власт, во делот на урбанизмот. Но, како и да е, законот ни овозможува контрола и согласно тоа ние и ќе постапуваме, само така може да се намали урбаната мафија во Република Македонија.

Но, како може да ги санкционираме овие локални моќници, како во случајот со општина Центар?

Согласно со одлуката на владата, беше формирана работна група од МВР, Министерството за транспорт и врски и државниот инспекторат за градежништво кои работат на сите акти и ќе поведат постапки против секој што го прекршил законот.

Една од намерите кои ги најавивте беше издавање лиценци за градежните компании и нова законска регулатива. До каде сте со ова?

Направивме акционен план за усогласување со европското законодавство. Дел од тоа е и законот за градба и законот за урбанистичко планирање. Со овие закони ќе се овозможи издавање лиценци на градежните фирми. Секоја фирма што нема да има лиценца од Министерството за транспорт и врски нема да може да гради. Ќе утврдиме точни криттериуми, согласно европското законодавство што ќе треба да ги исполнат фирмите.

По неколкуте афери кои ја потресоа јавноста планирате ли сеуште отстапување на државното земјиште на градоначалниците, како што бараат подолго време?

Веќе имавме дискусија со министерот за локална самоуправа на оваа тема. Прво треба да се испита капацитетот на општините. Треба да се направат критериуми под кои би им се давало земјиштето. Во моментов се прават анализи кога тоа треба да се направи и под кои услови.

Да преминеме на поинакви теми. Почна трката за трет мобилен оператор. Сметате ли дека им давате предност со критериумите во тендерот на поголеми компании, наспроти домашните компании?

Најважно за владата на Република Македонија е драстично да паднат цените на мобилната телефонија и да има либерализација на пазарот. Затоа, предложивме 50 бода од вкупно 100 да бидат доделени на компанијата што ќе понуди најниски цени. 25 поени ќе се дадат за надоместот што ќе го плати фирмата и 25 поени на бонитетот. Значи, колку фирмата е позната како име и колку е вкупната актива.

Но, господине Јанакиевски, зошто толку се инсистира на трет мобилен оператор. Граѓаните се најмногу засегнати од високите цени во фиксната телефонија. Што е со либерализацијата?

Договорот за интерконекција, еден од главните услови за либеарализација во фиксната телефонија ќе се донесе до крајот на годинава. Очекуваме, најдоцна до јуни догодина да имаме либерализација и во фиксната телефонија.
XS
SM
MD
LG