Достапни линкови

Законот за локална самоуправа не предвидува можност за отповикување на градоначалнците


Нелегални објекти, ,,никнуваат,, во државава, огромни афери со милионски проневери во кој што најоштетени беа граѓаните, како онаа во скопската населба Кисела Вода со зградата ФИКОМ, или пак најновиот скандал во општината Центар. Првите луѓе на општините, градоначалниците, на чија територија се случуваат вакви афери, а кои целосно ја презедоа надлежноста во градежништвото што подразбира издавање дозволи за градби, нема кој да ги отповика доколку се утврдени нелегалности при нивното работење. Новиот закон за локална самоуправа не предвидува можност за нивно отповикување од страна на граѓаните. Престанок на мандатот поради неспоивост на функции или доколку е деловно неспособен,се единствените одредби дефинирани во законот, додека за сторено кривично дело градоначалникот единствено одговара пред суд како и секој друг граѓанин, доколку против него биде поведена постапка за кривично дело. Ова го објаснува и поранешниот претседател на Здружението на локални единици Горан Ангелов:

„Во стариот закон од 1996-та година кој се применуваше до 2002 година имаше една одредба каде што беше возможно по пат на референдум да се отповика градоначалникот ако 50% плус еден избирач, излезе на референдум и се разбира гласаат за недоверба на градоначалникот. Но, за жал таа одредба не се прифати со законот за локална самоуправа од 2002 година.“

Но, Ангелов вели дека ситуацијата за барање на одговорност на градоначалниците дури и при поведување на кривична постапка е дополнително отежната знаејќи ја ситуацијата на македонското судство, а поголема контрола во работењето на првите луѓе на општините неможе да се бара ниту во Советот на општината, бидејќи членовите во него се најчесто сопартијци на градоначалниците.

„Знаејќи ги македонските прилики каде што во многу случаи градоначалникот де факто ја има контролата врз Советот, иако не би требало да биде така, ситуацијата е малку поразлична во нашата земја.“

Додава Ангелов. На ситуацијата од потребата за постоење на поголема контрола во областа на локалната самоправа, посочува и професорот од Правниот факултет Гордана Сиљановска:

„И во земја во која нема јавно мислење, во кое нема судство, кај нас оставка е мислена именка. Едноставно немаме етика. “

Објаснува професор Сиљановска.
XS
SM
MD
LG