Достапни линкови

Тоа би било во спротивност со Уставот, изјавува министерот за труд и соц. политика Љупчо Мешков


Во Владата нема расположение изолирано да се решава проблемот со стечајните работници. Невработеноста ја гледаме како проблем на севкупното население во државава и високо на владината агенда е програмата за намалување на невработеноста и сиромаштијата на сите граѓани, а не обезбедување материјална сигурност само за одредени целни групи, изјавува за Радио Слободна Европа Министерот за труд и социјална политика, Љупчо Мешков, откако стечајните работници со над 25 години работен стаж повторно го актуелизираа барањето за регулирање на нивниот статус од страна на Владата.

„Доколку вака парцијално го решаваме овој проблем и се согласиме да се донесе закон за обезбедување паричен надоместок само за оваа категорија работници, во тој случај веднаш би биле во спротивност со Уставот на Република Македонија, кој вели дека такво право имаат и останатите граѓани на државава, а тоа подразбира големи финансиски импликации кои претставуваат голема потешкотија за донесување на еден ваков закон.“

Изјавува за нашето радио, министерот Мешков.
Стечајните работници со над 25 години работен стаж, повторно го актуелизираат проблемот со нивниот нерешен статус, најавувајќи дека и овој пат правдата ќе ја бараат на улични протести. Стојан Стојанов од Здружението на стечајни работници вели дека нема да дозволат повторно да бидат изиграни и бараат од новата Влада до новото вработување сепак да примаат паричен надоместок.

„Да се обезбеди оваа категорија на луѓе да земаат паричен надоместок 40% од исплатената просечна плата во Македонија.“

На ваквото нивно барање за финансиско згрижување министерот за труд и социјална политика Мешков порачува дека стечајните работници единствено може да имаат некој приротет околу нивното работно ангажирање, согласно владината стратегија за намалување на сиромаштијата:


„Прашањето за нивната материјална состојба може да го решаваат во рамките на постојниот систем на државата како и сите други граѓани, односно преку системот на социјална заштита или преку законот за пензиско и инвалидско осигурување доколку ги обезбедуваат потребните услови. Но, битно е да се каже дека согласно владината стратегија за создавање на мерки и политики за нови работни места, особено во делот на програма за намалување на сиромаштијата, групата стечајни работници може и ќе има приоритет околу ангажмани на локално ниво, како што се одредени проекти од областа на екологијата или други локални проекти итн.“

вели во разговорот за Радио Слободна Европа, министерот за труд и социјална политика Љупчо Мешков.
XS
SM
MD
LG