Достапни линкови

Политички недоразбирања или борба за фотељи?


ВМРО-Народна партија е незадоволна од начинот на кој работи актуелната влада.
Од таму велат дека најмногу се лути на судските пресуди на поранешниот директор на ЕСМ, Ламбе Арнаудов и екс директорот на Македонија -Табак, Стефче Коцевски, со кои им се дуплираат затворските казни. Иако не ги потврдуваат информациите во медиумите дека ќе и ја откажат подршката на владата, од оваа партија не негираат дека во иднина тоа може да се случи.

„Факт е дека дел од работите во државата доста споро се движат. Сите процеси кои беа интензивно најавувани се одвиваат споро. Во зависност од тоа како ќе се однесува владата, така ние и ќе ги дефинираме позициите,“

изјави пратеникот Марјан Додовски од ВМРО-Народна партија

Од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да ги коментираат овие информации, но велат дека долгите собраниски дискусии на пратеничката Весна Јаневска од ВМРО-Народна, не се ништо друго, освен обид да се дојде до повеќе места во управните одбори.
И од Новата социјал демократска партија ги отфрлаат информациите за евентуално напуштање на владата. Велат дека иако за некои работи немаат исти мислења со партиите во владината коалиција, се обидуваат да пронајдат политички компромис. Од НСДП ги негираат и информациите дека неколку пратеници од нивните редови ќе се приклучат во Социјалдемократскиот Сојуз.

„Може некои од СДСМ кај нас да преминат, но наши нема шанси. Нашата пратеничка група е толку компактна, па такво нешто нема шанси да се случи,“

изјави Горан Мисовски од НСДП

Во меѓувреме, во јавноста проструија информации дека Вмро-народна партија ќе ја напуштат пратениците Ѓорги Оровчанец и Ден Дончев. Ваквите информации ниту ги потврди, ниту пак ги отфрли Ѓорги Оровчанец.

„Има различни муабети, но ќе видам што ќе биде.“

Од Вмро-Народна партија велат дека ќе постапуваат во согласност со партиските ставови. Тоа вели Додовски, значи дека се што е позитивно ќе го поддржиме, но истовремено ќе го задржиме правото да креираме сопствена партиска политика за законските решенија со кои нема да се согласиме.
XS
SM
MD
LG