Достапни линкови

Посетата е симболична, за влез во НАТО се потребни реформи


Посетата на македонските војници во Ирак, која шефот на државата Бранко Црвенковски најави дека ќе се случи до крајот на годината е рутинска, а нејзината цел е да се покаже почит и благодарност кон она што за интересите на државата го правата македонските војници, велат од кабинетот на претседателот.
За експертите ваквата посета е симболична, но не доволна за влез во НАТО.

„Протоколарна посета на еден претседател не може да ја надмине оценката за исполнување на условите доколку се смета дека Македонија уште нешто треба суштински да исполни и да покаже реформи на суштинските закони,“

вели поранешниот министер за одбрана, проф. Владо Поповски

Земјата за која се смета дека не води борба против организираниот криминал тешко може да се третира како рамноправна членка во Алијансата, вели Поповски.
За влез во НАТО не помагаат ниту политичките изјави од типот подготвени сме на се, само да бидеме примени во НАТО, коментира Поповски осврнувајќи се на неодамнешната изјава на албанскиот премиер Сали Бериша, во која тој вели дека Албанија е подготвена да плати каква било цена за да стане полноправна членка на Алијансата.

„Тоа не помага бидејќи ги има слушано милион пати тие изјави, а отсуствуваат делата“

Иако изјавата на американскиот претседател Џорџ Буш со која тој изразува отворена поддршка за влез во ЕУ и Нато,само за Хрватска, ја потврди и американскиот амбасадор во Хрватска, Роберт Брадке, шефот на државата, Црвенковски е убеден дека изјавата на Буш е подеднакво позитивна и за Македонија.

„Со ова навестување за поддршка на Хрватска за пристапување кон НАТО Алијансата во 2008 година, се создава реална шанса за земјите од Јадранската група да ја добијат поканата за членство во НАТО се разбира откако ќе исполнат услови.“

Од кабинетот на претседателот не прецизираат кога точно врховниот командант на земјава ќе ги посети војниците во Ирак. Во моментов Македонија има вкупно 174 војници во мисии надвор од државава.
XS
SM
MD
LG