Достапни линкови

Софија и Букурешт реагираат за дискриминација


Британија најави нови правила за контрола за граѓаните на Бугарија и Романија откако двете земји на први јануари идната година ќе станат членки на Европската Унија. Тоа пред се се однесува на луѓето кои сакаат да работат во Британија. Властите во Букурешт и Софија сметаат дека новите правила се дискриминаторски.

Поголемата контрола на работниците мигранти од Бугарија и Романија е воведена поради, како што образлагаат во британската влада, големот број луѓе кои влегоа во земјата откако Европската Унија пред две години прими десет нови членки. Станува збор за привремени ограничувања со цел да се намали очекуваниот прв удар по влезот на Бугарија и Романија во Унијата.

„Чувствуваме дека е добро да обезбедиме поконтролиран процес во секое ниво на нашиот пазар на трудот.“

Вели министерката за надворешни работи Маргарет Бекет. Имено, неквалификуваните работници од Романија и Бугарија ќе можат да се вработуваат само во прехранбената индустрија и земјоделството, додека оние квалификуваните ќе мора да имаат работна дозвола. Ќе има и посебен комитет за одредување на квотите работници и во кои сектори тие можат да бидат распоредени.

„Никој нема да има автоматско право да дојде и да работи во оваа земја. Процесот ќе биде постепен со цел да постигнеме баланс меѓу потребите на нашата економија за работна сила и можностите на нашите јавни сервиси.“

Рече британскиот министер за внатрешни работи Џон Рид, објавувајќи ги новите правила за работниците од Бугарија и Романија. Слични мерки најави и Ирска. Ова предизвика разочараност во Софија и Букурешт кои сметаат дека мерките ќе ги направи нивните работници во граѓани од втор ред во однос на оние од постарите членки во Европската Унија.

„Прашањето за воведување вакви ограничувања е право на секоја членка на Европската Унија и е во согласност со протоколот за придружување. Од друга страна ние мислиме дека оваа одлука не става во нерамноправна позиција со другите десет нови членки на Унијата. Сите наши анализи покажуваат дека нема да има никаква масовна миграција на бугарските работници во Британија по први јануари.“

Изјави во Софија портпаролот на бугарското министерство за надворешни работи Димитар Цанчев, најавувајќи:

„Таквата позиција на Велика Британија, како и на секоја друга земја членка на Европската Унија кои налагаат ограничувања за слободно движење на работници ја отвара можноста за реципорчни мерки од бугарска страна.“

Вели Цанчев. Засега само Финска, Естонија, Полска и Словачка имаат решено да ги отворат вратите за работниците од Бугарија и Романија.
XS
SM
MD
LG