Достапни линкови

Експертите сметаат дека брзото решавање на косовскиот статус е важно за безбедноста и економијата


И покрај некои најави кои се слушнаа од претставници на меѓународната заедница за можно одлагање на решението за статусот на Косово, во македонското Министерство за надоворешни работи велат дека имаат информации дека сепак до одлагање на прашањето за дефинирање на косовскиот статус нема да дојде, односно нивните информации говорат дека до крајот на годинава, сепак ќе биде решено ова прашање:

„Според нашите сознанија меѓународната заедница е подготвена да го предложи решението за финалниот статус на Косово по предвремените избори во Србија што се очекува да се одржат на почетокот од декември оваа година.“

Изјавува Шпреса Јусуфи портпарол во Министерството за надворешни работи.
Таа го пренесува ставот на Министерството според кој, што побрзото затварање на косовското прашање е во интерес на Македонија и воопшто регионот:

„За Македонија и регионот е исклучително важно отворените прашања во регионот да се затворат што е можно побрзо, за да можат земјите целосно да се посветат на понатамошниот развој на демократијата и економијата.“

Во оваа насока, и аналитичарот Хисен Рамадани ги оценува само како пропаганда најавите за можното пролонгирање на идниот статус на Косово и смета дека тоа прашање ќе биде затворено:

„Мислам дека, таквите очекувања јас отсекогаш сум ги сметал повеќе како избрзани и пропагандни, отколку што се реални.“

Вели Рамадани.
За значајноста пак, за нашата земја од безбедносен и економски аспект откако ќе биде дефиниран идниот косовски стасут, експертот Жидас Даскаловски објаснува:

„Нас како држава ни одговара да се заврши приказната за Косово, од аспект на стабилност на Балканот за потенцијални инвестиции, бидејќи друго е кога имате ситуација на еден нерешен статус на Косово, а друго е кога имате решени граници. Нас ни одговара решение на статусот на Косово како и да е, а всушност на сите на Балканот тоа им одговара за да се стабилизира регионот. Така, што ако се работи за одложување до идните избори во Србија тоа не е никаков проблем, меѓутоа ако се одложи за подолг период тогаш веќе би било проблематично во смисла како ќе реагираат некои струи на Косово што се попроблематични.“

Забележува Даскаловски.
XS
SM
MD
LG