Достапни линкови

Поранешните комунистички земји напредуваат, а демократските меѓу кои и САД, уназадуваат


Организацијата Репортери без граници го објави најновиот извештај за слободата на печатот во светот. Во него се потврдува дека најлошо за новинарите било во оние земји кои и во претходните неколку години имале најниски оценки. Од друга страна, поранешните комунистички земји покажуваат напредок, додека во некои западни демократии, вклучувајќи ги и Соединетите Држави, слободата на печатот се намалува.

Во списокот на сто шеесет и осум земји Македонија се најде на четириесет и петтото место, две подолу од претходниот. Од другите земји во регионот со нас е Србија, додека на деветнаесетото место е Босна и Херцеговина. Полошо пласирани од Македонија се Хрватска која заедно со Соединетите Држави го дели пеесет и третото место, Косово на седумдесетото, Албанија на осумдесетото. Напредокот на некои од овие земји, особено на Босна и Херцеговина, како што велат во Репортери без граници е поради тоа што овие земји се обидуваат да ги постигнат стандардите за влез во Европската Унија. Слободата на печатот, според извештајот, е најзагрозена во Северна Кореа, Туркменистан, Еритреја, Куба, Бурма и Кина. Луси Морион од канцеларијата на Репортери без граници во Вашингтон вели дека граѓаните на овие земји немаат никаков пристап до независни информации. Оние што пак се обидуваат да дојдат до нив ризикуваат да бидат затворени или нешто полошо, наведува Морион, посетувајќи на случајот со Огулсапар Мурадова дописничката на Радио Слободна Европа од Туркемнистан која умре под сомнителни околности.

„Овој случај покажува како лидерот на земјата, доживотниот преседател Нијазов е подготвен да употреби сила против оние што се осмелиле да го критикуваат. Не сме забележале таков пример во Северна Кореа, но тоа е поради фактот што тамошните медиуми се контролирани од лидерот Ким Јонг Ил. “

Вели Морион. Не многу подобро е и во Белорусија и Русија. Впрочем сите поранешни советски републики во Индексот на Репоретери без граници се сместени во групата со најниски оценки во Европа. Белорусија на сто пеесет и првото место, додека Русија четири место погоре:

„Русија во основа страда од недостиг на демократија и продолжува полека, но постојано да ги затвора слободните медиуми со тоа што индустриските групи околу претседателот Путин ги купуваат. Таму имаме случаи и на убиства на новинари.“

Морион забележува дека во новиот извештај не е влезено убиството на новинарката Ана Политковскаја. Според Морион, и во развиените западни демократии новинарите треба да бидат претпазливи. Таков е примерот со Соединетите Држави кои се најдоа на пеесет и третото место.

„Во основа, причините зошто Соединетите Држави паднаа се наоѓаат во односите меѓу медиумите и администрацијата на Буш кои се многу нарушени откако претседателот ја искористи националната безбедност како предтекст за сомневање во секој новинар кој ја критикува неговата војна против теророт.“

Морион додава дека голем пад има и Данска која од првото се најде на деветнаесетото место поради контроверзите околу објавувањето на карикатурите на пророкот Мухамед. Но, како што додава таа, во Данска на новинарите не им се заканувала владата, туку оние што биле навередени од кариктурите.
XS
SM
MD
LG