Достапни линкови

logo-print

Сулејман Рушити, министер за образование. Со себе носам копии на 500 фалсификувани дипломи од Тетовскиот универзитет


Без вашето назначување за прв човек на Универзитетот во Тетово, веројатно со вас како министер, немаше да говориме, за тема што се подразбира, односно за нешто што е гарантирано со Уставот. Што според вас е универзитетска автономија и во што таа би се состоела, кога како министер разрешивте и именувавте ректор?

Автономија не значи анархија. Актите зборуваат дека во Универзитетот немало легални органи, немаше Сенат и други органи кои ја сочинуваат автономијата на Универзитетот, требаше да се донесе една одлука за да се смени таа состојба. Според законот, министерот има право привремено да ја затвори установата.

Освен што му ја одземавте можноста на Универзитетот да избира свое раководство, она што го назначивте како прв човек изјави дека владата е таа што има право да избира ректор, бијдеќи таа го формирала. Изјава, што автоматски од автономен уноверзитетот го сведува на привезок на власта?

Зборувам за мои изјави. Јас на тој универзитет му дадов право да формира органи и да избираат органи. Од сега, па натаму ќе има отворени јавни избори. Ќе се вклучат поголемиот број професори и сметам дека од сега па натаму универзитетот ќе има органи кои ќе бидат избрани на демократски начин.

Не мислите ли дека обратно го идентификувавте случајот? Прво, слушнавме обвинувања дека претходната гарнитура го претворила Универзитетот во партиско претпријатие, се фалсификувале дипломи, а сега полицијата допрва треба да го констатира. Дали со ова се отвора патот за расветлување на криминални активности на интелектуална и политичка елита и кој се фигурира во ова?

Сметам дека ќе бидат посочени три – четири имиња, кои биле инволвирани во криминални дејствија, во корупција. Нормално, натаму работата на полицијата е да ги донесува конечните одлуки и изјавите.

Кој се бил вклучен?

Станува збор за политичка елита. Но не е мое да ги кажувам имињата. Ќе има можност јавноста да се запознае кога ќе се отвори дебата за случајот државен универзитет во Тетово. Нормално дека тие имиња ќе бидат кривично гонети и нормално дека јавноста ќе ги знае кои се.

Како да се релативизира сега целата работа, бидејќи постојано зборуваме со различни информации, се оперира со многу дипломи, сега велите дека три четири имиња ќе излезат?

Тие имиња ќе излезат како главни актери. Нормално дека не се работи за три дипломи. Само јас со себе носам копии од 500 фалсификувани дипломи кои се докажани во Албанија дека биле фалсификат. И нормално дека ќе се работи и со органите на Албанија и Косово, бидејќи има сознанија дека и таму има фалсификувани дипломи од државниот универзитет во Тетово. Мислам дека од моја страна ништо не се релативизира. Јас стојам на тоа дека таа работа требаше и треба да се прекине и мислам дека за другите работи и другите органи во државата треба да го сторат своето. Јас кажувам дека не е мое да ги соопштам имињата. Кога ќе дојде време на дебата, и ќе зборуваме со разладени глави, ќе зборуваме за сите детали. Нормално, јас деталите ги знам, тие ќе бидат објавени од МВР и кривичните процедури треба да почнат од други органи. Нормално, јас ги имам тие информации.

Колку чинела диплома на тетовскиот универзитет?

Не би знаел да ви кажам. Тоа не е моја работа и не е легална работа. Јас сум министер за образование и не сум посредник на такви работи. Но, сигурно луѓето што земале диплома, тоа е работа на полицијата да кажат колку се платила таква диплома.

Човекот што го назначивте за ректор, меѓу другото го прозва и вашиот претходник Азис Положани, велејќи дека тој ја премолчувал оваа ситуација. Каде вие ќе барате одговорност?

Ако некој во државата бара одговорност од мене, нормално дека јас ќе побарам одговорност од сите други имплицирани, или со премолќување или тие што имале интерес во целата работа. Сите министри имале одговорност, значи не може да имаш одговорност само додека си на функција. Одговорноста мора да биде и до министерот и другите органи. Се работи за голем проблем и се работи за премолчување за кое не треба да се молчи.

Дали во идниот период може да се очекуваат слични инспекциски контроли и на останатите универзитети во државата?

Зошто се крева толку врева кога се споменува дека државниот просветен инспекторат ќе направи увид во институција, за која е задолжен да прави увид. Мислам дека погрешни се сфаќаат овие работи и мислам дека не треба никој во државата да се плаши од инспекција се додека законски работи. Контрола ќе има. Не може да прејудицираме. Ќе чекаме на конкретни извештаи и ќе преземеме чекори. Не се работи само за универзитети, туку се знае, законската надлежност на државниот просветен инспекторат кои се институциите каде што има право и обврска да се врши увид.

Проблем за универзитетитет е финансиската состојба. Веќе неколку години буџетот за образование е намален за 25 насто. Имавте ли конкретни барања и има ли размислувања за зголемување на буџетот?

Да, ние сме имале средби со одредени декани на одредени факултети. Сме разговарале за наоѓање можности за подобро образоание. Тоа е заложба на новата влада. Знаејќи ги можностите на буџетот на образованието ќе го изнајдеме оптималното решение.

Значи има расположение за зголемување на буџетот?

Тоа е работа на договор и разговор. Кога ќе има нешто ќе објавиме, но сега сме во процес на разговори.

Потег кој предизвика критики беше и одложувањето на државната матура. Зошто се одложи затоа што сега втора генерација ќе нема ниту државна матура ниту приемен испит. Државната матура се подготвуваше три години и се потрошија пари?

Одлуката да се одложи за една година полагањето на матурата е донесена после анализа дека како прво не се доволно информирани учениците и наставниците. А, исто така има и други причини, дневни политики, поради тоа што имало избори и матурантите имаат право на власт. И трето, дека недоволно се планирал буџет од претходниот министер за имплементирање на државната матура.
XS
SM
MD
LG