Достапни линкови

Скопски Џез Фестивал – по 25-ти пат


Со синоќешните настапи на американскиот вокалист Енди Беј во Универзална сала и на норвежаните Вибуте во клубот Хард-рок, започна официјалната програма на јубилејниот 25-ти Скопски џез фестивал.

По Деновите на македонски џез во Културниот центар Мала станица и отворањето на изложбата на фотографии, плакати и видео материјали во Музеј на градот Скопје, обете врзани за значајниот јубилеј, 25 години на една од најсилните интернационални музички манифестации на овој дел од Европа - СКОПСКИОТ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, синоќа започна и официјалната програма. На самиот почеток, Енди Беј еден од најзначајните И најдобрите џез пејачи на денешнината во Универзална сала. Големиот мајстор, придружуван од гитаристот Пол Мејерс и ритам секција составена од двајца млади австриски музичари, пеејќи главно лиричен репертоар во кој доминираа вокални џез и блуз стандарди пробрани од последните неколку негови албуми докажа дека е со право се смета дека го живее врвот на својата изведувачка кариера. Со богат, полн и длабок глас, техника која плени и шарм на уметник кој израснал делејќи јасцената со легенди како Луис Џордан, Сара Вон, Дина Вашингтон, Мекој Тарнер, Лони Листон Смит И други, Беј на публиката во студената сала и понуди топлина која едноставно плени. Разбирливо, конечното освојување уследи по изведбите на поп класиката Ривермен од непрежалениот британски романтичар Ник Дрејк И Стинговата Фраџиле, за да потем задоволството биде крунисано И со 15-то минутно враќање на сцената на бис.

Од друга страна норвежаните Вибуте со својата енергија ја оддуваа публиката присутна на нивниот пополноќен концерт во реобновениот Хард-рок. Оваа супер-група, со својата музика во која се вкрстуваат фри-џезот, рокенролот и електронската музика, ја отвори кутијата со големите и пријатни изненадувања на јубилејното издание на фестивалот.

Вечерва, серијата концерти продолжува со настапите на бразилскиот пејач, текстописец и гитарист Винисиуш Кантуарија и заедничкиот проект на кубанскиот пијанист Гонзало Рубалкаба и кантавторот Жоао Боско и неговата група од Бразил. Винисиуш на публиката ќе и ја понуди својата фузија на кул-џезот и боса-новата, а Рубалкаба и Боско својот проект во кој тие тргнувајќи од созвучјата на своите татковини ги бараат заедничките коерини кои водат до Африка.
Во, рамките, пак на пополноќната програма во Хард-рок ѓе настапи квартетот на италијанскиот саксафонист Стефано Ди Баптиста.
За утревечер во Универзална сала се предвидени настапите на Бенџамин Херман квартетот од Холандија и шведското чудо , Ејзбјорн Свенсон трио кои патем се дефинираат како поп-бенд што свири џез музика. Во рамките на пополноќната програма е предвиден настапот на австрискиот виолинист Руди Бергер и неговиот интернационален состав.

25-то јубилејно издание на Скопскиот џез фестивал ќе биде заокружено со понеделничниот концерт на легендарниот саксафонист и голем инноватор, еден од втемелувачите на фри џезот, Орнет Колмен. Орнет, за кого организаторите знаат да кажат дека е алката што и недостигаше на манифестацијата, во Скопје доаѓа со својот квартет на еден од неговите ретки концерти во Европа.
XS
SM
MD
LG