Достапни линкови

Без децентрализација на државното земјиште тешко до странски инвестиции


Без децентрализација на државното земјиште и негово префрлање во рацете на општините, нема поголем успех во привлекувањето на странски инвестиции, ова без исклучок го велат првите општински луѓе во земјава кои и покрај тоа што со законот за локална самоуправа имаат одврзани раце во привлекувањето на странски инвестиции поради проблемот со земјиштето, досега немаат забележано поголем успех. Какви се проблемите и зошто не одминуваат познатите меѓународни компании, градоначалникот на Струмица Зоран Заев објаснува:

„Општина Струмица има донесено одлука на Совет, преку која што за секој нов производствен капацитет кој што се отвора, Советот може да даде до 100% олеснување од комуналиите, но за да дојдеме до тоа секој инвеститор прво бара земјиште и тука веднаш се соочуваме со проблем бидејќи земјиштето е на Република Македонија. Кога го бараат, процедурата пред државата е макотрпна доколку Владата не е одлучена да го даде на непосредна спогодба и токму поради овие проблеми, инвеститорите заминуваат за Бугарија или Романија.“

Изјавува Заев. Истиот проблем го посочуваат и во една од најбројните според жители, општина во градот Скопје - Аеродром. Маја Манчевска од оваа општина објаснува:

„Секој инвеститор сака да гради на откупено земјиште, а општините не го поседуваат земјиштето.“

Градот Струга покрај Охридското езеро е место за кое интерес покажуваат многу странски, но и домашни бизнисмени. Поради актрактивноста на локацијата во оваа општина досега, како што објаснува градоначалникот Рамиз Мерко имаат инвестирано најмалку четири големи компании, а доколку им се дадат одвразни раце околу управувањето со во моментов државното земјиште, можноста за развој на општините, а со тоа и на државата би биле огромни:

„Тоа е една голема поткрепа бидејќи градежните работи ќе ги извршуваат граѓани од Струга, фирми од Струга, би имало и вработени, што значи дека тие средства циркулираат тука во Струга.“

Посочува Мерко. Неодамна Владата изрази подготвеност за измена на потребните закони, со тоа што дел од земјиштетото би било во сопственост на општините. А се до решавањето на ваквите проблеми, Македонија како што покажуваат и податоците во годишниот извештај на УНСТАД, Конференцијата на ОН за трговија и развој, останува последна во регионот со само 10 странски инвестиции. Меѓу првите три според влезот на странски компании, се Романија, Бугарија и Србија и Црна Гора.
XS
SM
MD
LG